Обвинетите за грабнувањето и убиството на 14-годишата Вања Ѓорчевска со „цитроенот“ на убиениот Панче Жежовски дошле пред зградата на девојчето и на 24.11.2023 година (петок), три дена пред злосторството.
Обвинителките денеска продолжија со изведување докази против обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.
Презентирани беа снимките од системот „Безбеден град“ на полицијата, во кој возилата се пребаруваат според регистарските таблички.
Според видеата кои беа презентирани во судницата, на 24.11.2023 година и на 27.11.2023 година возилото „цитроен“, со кое била грабната Вања, се движело по иста траса од мостот „Гоце Делчев“, пред Владата, лево кон булеварот Свети Климент Охридски, па десно кон улицата Орце Николов, па преку улицата Михаил Цоков, до улицата Наум Наумовски Борче каде што живееше убиената Вања.
Во петокот на 24.11.2023 година „цитроенот“ стигнал пред зградата на Вања во 6.50 часот.
Во критичниот ден, понеделникот на 27.11.2023 година „цитроенот“ стигнал пред зградата во 6.36 часот. Во возилото на снимките се забележуваат силуети на три лица.
Во петокот на 24.11.2023 година „цитроенот“ тргнал кон Центар од населбата Маџари. Потоа, вечерта на 25.11.2023 „цитроенот“ бил преместен во Бутел, од каде тргнал утрото на 27.11.2023 година.
Обвинителката презентираше и видео снимки од 27.11.2023 годна рано наутро, од бензинската пумпа „Макпетрол“.
„Се гледа како обвинетиот со празен галон, големо пластично шише, стасува на бензиската која се наоѓа кај Транспортниот центар, во близина на партијата Десна, за да наточи бензин. Плаќа со банкнота од 1.000 денари, за што му е издадена фискална сметка. Времето е од 5.26 до 5.30 наутро. Во 5.30 се гледа како Кешишев го зема шишето и заминува – рече обвинителката.
Во друго видео обвинителката покажа „мерцедес“, сопственост на Велибор Манев, како се движи на 20.11.2023 во 9.29 часот, од булеварот Гоце Делчев, врти лево, поминува пред „Ист гејт мол“ и продолжува по улицата Беласица. Во возилото имало две лица. Засега не е јасно зошто ова видео е од важност за случајот, затоа што е снимено една недела пред убиството на Вања.