НАТО објави дека поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска ќе стане нов заменик генерален секретар на воената алијанса.
„Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар. Таа е вистински посветена на НАТО, ја знае работата што е потребна за приклучување во Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа кога ќе ја преземе оваа витална улога“, изјави шефот на Алијансата, Марк Руте.
Пополнувањето на заменичката позиција беше еден од приоритетите на генералниот секретар Марк Руте, кој ја зазеде функцијата на 1 октомври.
Неколку функционери на НАТО, кои зборуваа под услов да останат анонимни, за Радио Слободна Европа изјавија дека имало силна желба заменикот да биде од Централна и Источна Европа и да биде жена.
Меѓу другите кандидати беа поранешната бугарска министерка за надворешни работи Марија Габриел, поранешната претседателка на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ и Оливера Ињац, која беше министерка за одбрана на Црна Гора 2020-2022 година.
Шекеринска, која беше министерка за одбрана на Северна Македонија од 2017-2022 година, го надгледуваше пристапот на нејзината земја во НАТО во 2020 година. Таа ќе го замени вршителот на должноста заменик генерален секретар на НАТО Борис Руге, кој привремено ја презеде функцијата, откако тогашниот заменик генерален секретар Мирчеа Џоана објави дека ќе се кандидира за претседател на Романија.
Шекеринска ќе биде највисокиот функционер на НАТО од регионот на Западен Балкан, надвор од Европската Унија. Таа ќе ја преземе функцијата до крајот на годината.
Шекеринска е поранешна министерка за одбрана. Од 2002 до 2006 година беше и заменик претседател на Владата на РМ задолжена за европски интеграции. Во моментот е потпретседател на Партијата на европските социјалисти.
Примарната улога на заменикот на генералниот секретар е да го заменува шефот и да претседава со состаноците на 32-та амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.