Македонија е најверојатно единствената земја во Европа во која се туркаат реформи во образованието што се базираат врз зборови како инклузивност, родова сензитивност, рамноправност, дигитални вештини, технологија, откривање таленти…, додека истовремено голем број од децата се принудени да учат во дотраени објекти стари над 100 години, коишто едвај се затоплуваат со печки на дрва и во кои нема никакви, а не пак посебни машки и женски тоалети.
Нашите деца се нерамноправни во однос на пристапот до основни услови за пристојно образование. Затекнавме очајна состојба во руралните места, а проблемите се големи и во училиштата во Скопје. И покрај доказите за неефикасноста на државата во реализација на инвестициите во образованието, сега се тврди дека најавените реформи во наставата ќе донесат „ренесанса“. Истражувавме колку се реални ваквите најави.
Повеќе нови училишта пред Втората светска војна отколку во 21. век
Според публикацијата на Државниот завод за статистика „Попис на училишниот простор во основните и во средните училишта во Република Македонија“, којшто за првпат е спроведен по електронски пат во 2016 година, во земјава има 1.342 училишта. Податоците откриваат дека во нашата земја поголем број училишта се изградени во периодот од 1900 – 1945 година отколку во 21 век.
Староста на училишните објекти можеби би била своевиден престиж доколку би имало континуирани инвестиции во обнова и во обезбедување услови со коишто лесно би се задоволиле новите нормативи и стандарди за простор, опрема и наставни средства.
Меѓутоа, нашето истражување покажа дека во основните училишта во различни краишта од земјава времето застанало и дека поради недостиг од инвестиции, има дискриминација на децата во однос на пристапот до еднакви услови за образование. Разликите најмногу се истакнуваат меѓу училиштата во руралните и во градските средини.
За физиолошка потреба – во ќенеф
Не им е лесно на децата и наставниците од основното училиште во селото Иванковци во Велешкиот Регион. Во текот на зимските месеци тие премрзнуваат додека да се затоплат училниците од печките на дрва коишто ги разгоруваат служителите пред почетокот на наставата. Во уште понезавидна состојба се оние во подрачното основно училиште во месноста Ѓорѓовци. За физиолошка потреба мора да трчаат надвор во ќенеф, којшто потсетува на нужник од затворите од 19. век.
Слична е состојбата и во училиштата во селата Непроштено и Селце во Тетовскиот Регион. Стари или привремени училишни објекти коишто тешко се затоплуваат, тоалети надвор и импровизации на наставниците за, колку-толку, да се исполнат наставните програми.
Статистичките податоци откриваат дека состојбата во овие училишта од Велешкиот и Тетовскиот Регион всушност се пресликува во повеќе места во земјава. Имено, во 21. век, кај нас има сѐ уште има основни училишта во кои нема тоалет и во кои нема никаква канализација. Во некои училишта сѐ уште се пие вода од бунар, а во однос на затоплувањето, доминираат училиштата коишто користат печки на дрва.
Крпени буџети и за скопските училишта
Проблеми ги мачат и основните училишта во Скопје, коишто важат за најдобри во однос на инфраструктурните услови. Иако повеќето училишни објекти се посовремени и во многу подобра состојба отколку оние во руралните средини, сепак и во главниот град има училишта кои се изградени по Втората светска војна, со дотраени објекти во коишто очигледно се потребни значителни инвестиции.
Сѐ уште има училишта без спортски сали, а загрижува фактот што и училиштата коишто сега се градат тешко ќе ги исполнат новопоставените стандарди. Директорите на училиштата и локалните власти укажуваат дека располагаат со скромни буџети коишто претежно се одлеваат за плати на наставниот кадар и дека без финансиски средства од државата, тешко оди обновувањето на постоечките објекти и обезбедувањето на потребните наставни материјали.
Државата признава дека „си ја има мувата на капата“
Постојат големи разлики и во инфраструктурните и во другите услови за работа во малите рурални основни училишта и оние лоцирани во поголемите градови, се вели во новата концепција за основното образование.
„Малите рурални училишта, особено подрачните, имаат помал пристап до ресурси, помалку наставници на располагање и честопати се принудени да изведуваат заедничка настава со ученици од различно одделение (комбинирани паралелки) и/или да вработуваат наставници коишто не го задоволуваат нормативот за наставен кадар. Од друга страна, има училишта што имаат проблеми поради големиот број ученици, што ги принудува да работат во две смени (поретко и во три смени), како и училишта во кои учат ученици коишто се принудени да користат организиран превоз. Во овие училишта многу често се жртвува реализацијата на „проширената програма“ (воннаставните активности, додатната и дополнителната настава итн.) поради дополнителни организациски проблеми“, пишува во концепцијата.
Се додава дека има неквалитетни учебници, слаба опременост на училиштата со наставни ресурси и непостоење можност за кариерен развој на наставниците.
„Неконтинуиран професионален развој, недоволна спремност на наставниот кадар за примена на нови дигитални пристапи во наставата проследени со организациски и инфраструктурни проблеми се предизвици со кои со години се справува системот на основното образование“, пишува во концепцијата.
За тоа како државата планира да ги спроведе реформите предвидени со новата концепција за основното образование во услови кога во Македонија сѐ уште се учи во објекти „од турско“ и во прилично лоши услови за настава, одговор побаравме од министерката за образование и наука Мила Царовска.
Неефикасноста ја кочи изградбата на нови училишта
Колку ефикасно се реализираат инвестициите во изградба на нови и во реконструкција на постоечките училишта најдобро покажува извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето на Министерството за образование и наука во 2019 година. Имено, во него се констатира дека Владата во буџетот за 2019 година предвидела 536 милиони денари за финансирање на програмите за изградба и реконструкција на основните и средните училишта и на ученичките и студентските домови. Подоцна, со ребаланс на буџетот, оваа сума била намалена за 40 отсто и сведена на 321 милион денари.
„Во 2019 година, реализирани се активности во износ од 115 милиони денари, што претставува 36 отсто искористеност во однос на одобрените 321 милион денари буџетски средства за овие намени. Од вкупно реализираните активности, 97 милиони денари или 85 отсто се однесуваат на продолжување на започнатите градби од минатите години, а 17 милиони денари или 15 отсто се однесуваат на нови градби, доградби и и надградби на објекти“, се вели во извештајот на ревизорите.
Со други зборови, од вкупниот државен буџет во 2019 година тежок 3,7 милијарди евра, биле потрошени само околу 2,7 милиони евра за изградба на нови училишта.
Од ДЗР укажуваат дека нискиот степен на реализација на инвестициските програми во образованието во најголем дел е резултат на ненавремено започнување и прекини на градежните активности и непредвидени работи во текот на извршувањето.
„Поради тоа роковите за реализација на изведбените работи, во согласност со основните договори, повеќекратно се пролонгираат и по неколку години. Слабата реализација на програмските активности има влијание врз постигнувањето на основните стратешки цели за коишто е наменето финансирањето, а тоа се подобрување на условите за изведување на наставата од основното и од средното образование и подобрување на сместувачките капацитети во ученичките и студентските домови“, пишува во извештајот.
Извор : https://samoprasaj.mk/
Можеби ќе ве интересира: