СДСМ денеска преку соопштение информира дека градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ од Гази Баба, Бобан Стефковски е осудено лице за дилање дрога. Оттаму упатија барање до пратеникот Бране Петрушевски да ја земе пресудата, да му ја однесе и јавно да побара оставка од него.
Според партијата од „Бихаќка“, како што велат, јавноста знае дека со дрога беше фатен и истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ од Пештани.
-Мицкоски го гледавме на слики како седи на иста маса со лице од Грчец уапсено за трговија со 32 килограми дрога, вредна 120.000 евра. За разлика од цело ДПМНЕ, Јон Фрчкоски си поднесе оставка и се повлече од позицијата. ДПМНЕ и Петрушевски се последните кои можат да ја прозиваат СДСМ, стои во партиското соопштение, при што се објавени фотографии од судската пресуда од 2002 година.
Ваквиот став на најголемата опозициска партија следува откако беа прозвани за став по оставката на Фрчкоски од партиската функција откако беа споделени фотографии од него во јавноста како наводно шмрка кокаин на работно место.