Пишува: Кент Харингтон
Разузнавачките служби се навикнати да бидат главна вест во случаи кога ќе потфрлат во својата работа. Но, откако американскиот претседател Доналд Трамп со месеци ги игнорираше нивните предупредувања за КОВИД-19 и откако неговата влада со години не им даваше значење на нивните поопшти предупредувања за опасноста од пандемија, дојде време разузнавачките професионалци да добијат потврда за своите заслуги.
Не треба да нè чуди фактот што Трамп упорно ги отфрлаше предупредувањата од разузнавачките служби за заканата од коронавирусот во текот на јануари и февруари. Трамп одамна јасно стави до знаење дека нема трпение за оние што не се сложуваат со неговите ставови. Кога лидерите за разузнавачките служби му се спротивставија на неколку теми во нивниот годишен брифинг пред Конгресот минатата година, тој им рече да „се вратат на училиште“.
Оваа година, предлог-законот за војна против разузнувањето на Трамп имаше последици во облик на изгубени животи и преоптоварени системи за здравствена грижа. Американските разузнавачки служби го активираа алармот, па дури и го претставија планот за борба со кој се служи непријателот, детално објаснувајќи како би се одвивала пандемијата на новопојавениот коронавирус. Сепак, претседателот кој копнее да биде претседател во воени услови не презеде ништо. Res ipsa loquitur – со самото тоа што се појави, се потврдува дека се постапувало небрежно.
Повеќето Американци никогаш нема да ги видат необработените разузнавачки информации и деталните анализи што претседателот ги добива секојдневно, ниту, пак, некој кој не се наоѓа во првите редови може да знае колку се широки предизвиците за националната безбедност што разузнавачките аналитичари и службеници мора да ги следат. Затоа се толку важни јавните брифинзи од лидерите на разузнавачките служби, особено кога ја разоткриваат своеволната игнорантност на претседателот.
Јасно е дека јавните брифинзи не можат да ги презентираат сите детали во врска со проблемите што ги следи разузнавачката заедница. Но, како некој што работел на десетици брифинзи во ЦИА што се јавно достапни, знам дека професионалните аналитичари даваат сè од себе за точно да ги прикажат доверливите наоди, истовремено штитејќи ги своите извори и методи.
Земете го како пример годишниот брифинг за закани што се доставува до Конгресот, а што е одложен на неодредено време за оваа година. При доставувањето на проценката, директорот за Националната разузнавачка служба нуди унифицирана перспектива составена од широк спектар на агенции чија главна задача е да пронајдат факти и да следат какви можни последици тие носат со себе. Во брифингот за 2019 година што толку го вознемири Трамп, тогашниот Директор на Националната разузнавачка служба (НРС) Ден Коутс (Dan Coats) го потврди заклучокот на разузнавачката заедница дека Русија се мешала во изборите во 2016 година во полза на Трамп, и предупреди дека блискиот однос помеѓу Трамп и севернокорејскиот диктатор Ким Џонг-ун не довел до намалување на нуклеарните амбиции на таа земја.
Згора на тоа, годишниот брифинг на Директорот на НРС содржеше неколку предупредувања за ризикот од глобална пандемија. Разузнавачката заедница првично предупреди за овој проблем веднаш откако претседателот Барак Обама дојде на функција во јануари 2009 година, кога тогашниот Директор на НРС Денис Блер (Dennis Blair) изјави дека „Најважниот транснационален здравствен предизвик за САД и натаму е можноста за појава на сериозна пандемија, а најверојатно е дека ваква пандемија би била предизвикана од смртоносен вирус на грип“. По појавата на H1N1 (свински грип) во 2009 година, Блер уште повеќе ја потенцираше опасноста во 2010 година, нагласувајќи ја можноста пандемијата да има сериозни последици за економијата. „Без можноста постојано да ги следиме и дијагностицираме заболувањата кај животните“, рече тој, „САД ќе има значително помали шанси да идентификува, ограничи и да предупреди за локални појави на тие болести пред да се рашират“.
Наследникот на Блер, Џејмс Клапер (James Clapper), ја испрати истата порака во март 2013 година, но исто така даде и детали со кои САД ќе може поефикасно да предвиди и процени вакви ситуации. Укажувајќи на зголемената опасност од вируси што можат да се пренесат од животни на луѓе, тој предупреди дека „лесно пренослив, новопојавен респираторен патоген што убива или онеспособува повеќе од еден процент од своите жртви е настан што може да остави најтешки последици. Појавата и ширењето на таков патоген би довело до глобална пандемија “.
При неговото прецизно предвидување на пандемијата на КОВИД-19, Клапер јасно кажа дека, „Ова не е хипотетичка закана“. Трамп ја добил истата порака во мај 2017 година, кога Коутс ја истакнал оценката на Светската банка во која се предвидува дека пандемијата би го чинела светот околу 5% од БДП. Потоа Коутс го упатил истото предупредување во 2019 година, сведочејќи дека, „САД и светот ќе останат ранливи на следната пандемија на грип или на масовна појава на заразна болест што би можело да доведе до високи стапки на смртност и инвалидитет, сериозно да влијае на светската економија, да ги истроши меѓународните ресурси и да ги зголеми барањата за поддршка од САД. “ Дали некој е изненаден што наследникот на Коутс не се мачи со брифинг оваа година?
Меѓутоа, годишните проценки на Директорот на НРС не се единствените јавно достапни брифинзи што го покажуваат степенот на небрежност на Трамп во однос на пандемијата. На секои четири години, Националниот разузнавачки совет, највисокото аналитичко тело на американската разузнавачка заедница, прави прогноза наречена „Глобал трендс“ (Global Trends), каде ги предвидува силите што најверојатно ќе ги обликуваат децениите што претстојат. Темпирањето не е случајно: стратешката прогноза се појавува кога владите се менуваат, нудејќи им на претседателите долгорочна меѓународна перспектива што треба да ја користат при креирање или обновување на своите цели за национална безбедност.
Трамп ја опиша пандемијата на КОВИД-19 како „непредвиден проблем“ што „се појавил ненадејно и неочекувано“. Авторите на изминатите три извештаи од „Глобал трендс“ не би се согласиле со тоа, како и стотиците експерти со кои тие се консултираат при правењето на нивните анализи.
Да го земеме за пример извештајот од 2008 година, „Глобал трендс 2025“, кој речиси беше предвидување. „Појавата на нова, пренослива и вирулентна човечка респираторна болест за која нема соодветни контрамерки би можела да предизвика глобална пандемија“, предупредија авторите. Заканата, додадоа тие, најверојатно ќе се појави „во област окарактеризирана со голема густина на населението и блиска врска помеѓу луѓето и животните, како што се многу области во Кина и Југоисточна Азија“. Дури и со ограничувања поставени за меѓународно патување, „патниците со благи симптоми или оние кои не покажуваат симптоми би можеле да ја пренесат болеста на други континенти“.
Од ширење дезинформации за вирусот до распуштање на директоратот на Советот за национална безбедност што е надлежен за закани од пандемија, Трамп испушти неколку можности за навремена подготовка за кризата од КОВИД-19. Здравствените и економските последици што сега ги гледаме одамна беа предвидени. Американските разузнавачки аналитичари најмалку 12 години предупредуваат за токму вакво сценарио. Но, дури ни тие не можеа да предвидат дека Америка ќе добие претседател подготвен да жртвува толку многу животи на олтарот на неговото его.
За авторот:
Кент Харингтон е поранешен постар аналитичар во ЦИА, работел како Национален службеник за разузнавање за Источна Азија и е поранешен Директор за јавни прашања на ЦИА.
Авторски права: Project Syndicate, 2020.www.project-syndicate.org
Извор: respublica.edu.mk