Oд утре сите граѓани кои сакаат да се вакцинираат против ковид-19 истото ќе можат да го сторат тоа и без закажан термин, а паралелно ќе тече и имунизацијата на граѓаните кои се пријавиле преку веб-платформата vakcinacija.mk.
Вакцинирањето без термини ќе се одвива во постоечките вакцинални пунктови ширум државава, додека во спортските сали ќе се одвива ревакцинацијата на оние кои веќе примиле прва доза.
Исто така, од утре треба за започне и теренската вакцинација, а ќе се дозволи и вакцинација на деца од 12 до 16 години. На децата ќе им се дава вакцината на „Фајзер“ која во овој момент, како што рече Филипче минатата недела, е единствена вакцина која е дозволена да се користи за деца на оваа возраст.
Заклучно со петокот, во земјава барем со една доза се вакцинирани вкупно 417 141 граѓани од кои 245 231 се веќе ревакцинирани. Интерес за вакцинација, пак, преку веб-платформата искажале вкупно 496 228.
Во однос на возраста на имунизираното население, податоците од Министерството за здравство говорат дека 54 проценти од граѓаните над 70 години имаат примено барем една доза, од оние над 60 години со прва доза се вакцинирале 47 отсто, додека од населението над 50 години барем една доза имаат добиено 39 проценти.
Можеби ќе ве интересира: