Со светската премиерата на првиот македонски семеен детски филм „Стела“, на режисерот Стојан Вујичиќ и продуцентот Огнен Антов, во продукција на „Дрим фактори“, на 18 септември под слоганот „Филм на секое платнo“ стартува 19. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ (CINEDAYS). Во рамките на овој меѓународен фестивал што годинава ќе се одржува до 24 септември, според организаторите, ќе бидат прикажани повеќе од 40 филмови на девет локации низ Скопје: Градски парк, МКЦ парк, Парк Ибни Пајко, Кино Влае, Парк Кисела вода, Кино Напредок, Кино Маџари, Дом на градежници „Кочо Рацин“ и кровот на ГТЦ.
„Во ова време на неизвесност и несигурност, ќе се обидеме да понудиме чувство на сигурност, благосостојба и уживање во филмската уметност на секој посетител на CINEDAYS, строго почитувајќи ги протоколарните мерки за одвивање настан од ваков тип“, истакнува Филип Николовски директор на програма на МКЦ.
Во рамките на годинешната намалена програма, која е селекција на Бернд Будер, ќе можат да се видат најновите остварувања на Озон, Пуиу, Винтенберг, Срѓан Голубовиќ, а таа нуди доста македонски филмови и ко-продукции што „гравитираат“ во неколку нови и веќе познати програмски целини: Официјална селекција, Гала програма, Музички документарци, МК во ЕУ, МК премиери, SEE програма, ФДУ ретро, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – cinEmusic…
Отворање и затворање со македонски филм
Првпат по долги години отворањето и затворањето на фестивалот е со македонски премиери.
„Детскиот филм ‘Стела’ на Вујичиќ со кој ќе се отвори фестивалот е приказна за шарпланинката Стела, Никола и неговиот дедо и зборува за вистинските семејни вредности“, истакнува продуцентот Огнен Антов, надополнувајќи дека филмот ‘Стела’ е првата домашна еко или зелена продукција. Снимањето на филмот, се oдвиваше во Скопје, а потоа продолжи во живописниот Галичник и на падините на планината Бистра, а заврши во Штутгарт – Германија“. Главните улоги во филмот ги толкуваат младата шарпланинка Стела, дванаесетгодишниот Петар Маниќ (кој е првпат на филм), Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ. Затворањето на фестивалот, пак, е со македонската премиера на „ХОМО” на Игор Иванов Изи.
Ова издание на CINEDAYS ќе донесе и скопска премиера на филмот „ТМ“ на Ивица Димитријевиќ, кој е единствен долгометражен филм во македонската кинематографија снимен со 0 денари буџет.
Во познатата селекција МК во ЕУ, во која прикажуваме филмови со малцинско македонско учество како копродукција ќе бидат прикажани филмовите на Виктор Чучков „18% Сиво“ во продукција на Сектор филм и „Моето езеро“ на Ѓерѓ Џувани во продукција на „Фокус-покус“.
Специјална музичка програма
Специјалната музичка програма – cinEmusic се отвора на 18. септември со настап на бендот „Љубојна“ кои ќе се претстават со музика работена за филмот „Стела“. Следниот ден во паркот на МКЦ ќе настапат младите Зулу 3.4 – инструментален бенд од Скопје, формиран во март 2018 година. За затворање на фестивалот, пак, ќе настапи ЗЏМ Колективот и овој пат ќе биде придружуван од страна на гудачки оркестар кој е составен од музичари на Националната опера и балет и од Симфонискиот оркестар на Филхармонија. Со нив ќе раководи мултиинструменталистот и диригент Џијан Емин, а на програмата ќе бидат изведени композиции создадени и аранжирани од страна на македонски џез-композитори, членови на ЗЏМ.
Во рамки на годинешното издание првпат имаме POP-UP КИНО, кое ќе ги оживее најавените локации „Секое време носи свои навики и начин на социјализација, од маалски игри, телевизор во двор кај комшиите, фудбал на мали голчиња, комодоре 64, до лаптоп и мобилен екран за секое дете. Во целиот овој технолошки напредок и промена на начинот на комуникација, едно е сосема сигурно, Скопје било и ќе биде едно големо кино. Локациската „реставрација“ на местата каде што во минатото постоеле киносали и проекцијата на филмови на овие позиции, ќе се обиде да даде омаж на културата на еден град. Култура на која и го изгубивме континуитетот, бавејќи се со трупање градби кои требаше да покажат колку култура сме имале некогаш – вели Николовски.
Музичкиот спот за „Стела“ на Љубојна – дело на велешка продукција
Велешката продукција Tulip Pro во соработка со Dream Factory, изработи видео спот за филмот “Стела” на режисерот Стојан Вујичиќ и продуцентот Огнен Антов. Музиката во филмот е дело на македонската група Љубојна.
Можеби ќе ве интересира: