Седмиот пливачки маратон на езерото „Младост“ кај Велес ќе се одржи во сабота. Овој маратон воедно ќе биде и финална трка во националниот куп во далечинско пливање.
За првпат оваа година на маратонот ќе има млади пливачи под 12 години, а професионалните пливачи ќе пливаат на 2500 метри. Манифестацијата ќе биде организирана во согласност со протоколите на Националната пливачка Федерација, соопшти организаторот.
„Според најавите, на маратонот ќе учествуваат 50 пливачи во професионална конкуренција, 20 млади под 12 години и 20 рекреативци. Ќе се одржат вкупно шест трки, во три категории: два и пол километри ќе пливаат пливачи од 12 до 14 години, пет километри за категорија А од 15 до 17 години и категорија Б на возраст од 18 години и постари. Настанот ќе започне во 10 часот, во близина на ресторанот „Бела вода“. Финалето на македонскиот куп во во далечинско пливање на 2500 метри ќе започне во 11:30 часот. Доделувањето на наградите е најавено во 14 часот“, рече Иле Попов, претседател на Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“.
Градоначалникот на Велес Аце Коцевски упати јавна благодарност до Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28” од Велес и Националната пливачка федерација за успешната организација како и до спонзорот „Ротари клуб“ – Велес и поддржувачите на маратонот.
„За Велес е од особено значење фактот што и оваа година сме домаќини на финалето на националниот куп, што потврдува дека Велешкото езеро Младост прераснува во значајна туристичка, но и спортска и рекреативна атракција“, рече Аце Коцевски, градоначалник на Велес.
Коцевски апелираше до сите заинтересирани посетители на настанот да се придржуваат до мерките за заштита од Ковид 19.
Општина Велес го поддржа пливачкиот маратон со 200 илјади денари.
Можеби ќе ве интересира: