Сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информираат од УХМР. Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа се очекува да надмине и 40°C. Вредноста на UV индексот ќе биде 9.
Во Велес, сончево и многу топло со мала облачност и со слаб ветер од северен правец.
По најавата на УХМР дека дневните температури оваа недела ќе достигнат и над 40 Целзиусови степени, Владата на седница донесе одлука за спроведување на мерките согласно црвената топлотна фаза. Според тоа, Министерството за здравство во координација со УХМР и Институтот за јавно здравје е задолжено редовно да информира за состојбата со топлотниот бран, а здравствените установи, установите за згрижување стари лица и образовните институции да постапат согласно протоколите за кризна состојба. Образовните институции и градинките треба да избегнуваат активности на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
Согласно мерките од Акцискиот план за превенција на последиците од топлотниот бран, здравствените, образовните и социјалните установи треба да постапат согласно плановите за вонредни состојби, односно да го ротираат персоналот и да обезбедат климатизирани простории за пациентите и вработените. Од друга страна, центрите за социјална работа, локалната самоуправа и Црвениот крст да ја интензивираат теренската поддршка за осамени, стари и бездомни лица. Во сетот мерки за превенција од последиците на топлотните бранови е и мерката за обезбедување климатизиран јавен превоз за граѓаните во текот на целиот ден.