МВР ќе ги преземе сите потребни мерки за безбедност и на пратениците и на Собранието за време на утрешната собраниска седница на која ќе се расправа за францускиот предлог, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Собранието е една од врвните институции и храм на демократијата, а решенијата треба да се носат преку дебата на народните избраници. Протестите, пак, се демократско право, но мора да бидат на демократски начин, демократијата не подразбира анархија“, рече Спасовски, одговарајќи на новинарски прашања.
Тој апелираше до организаторите на собирите, односно до ВМРО-ДПМНЕ од каде што стигнал допис за организирање собир, но и од Левица и други, да се направи сѐ протестите да поминуваат на мирен и достоинствен начин. Истовремено го поздрави демократскиот дух на протестите во изминатите неколку дена.
На прашањето дали очекува настани во и околу Собранието како на 27 април 2017 година рече дека не сака да прави корелација со тој ден.
„Не сакам да правам корелација со 27 април 2017 година. Тоа беше црн ден во македонската демократија кога се обидоа да се изврши убиство на пратеници и треба да биде поука понатаму да се држиме“, изјави Спасовски и додаде дека во
Министерството стигнуваат информации за активности и стратегии за утре, од страна на поединци меѓу организаторите, но дека тоа презема мерки согласно информациите.
Што се однесува до споредбата на повредени полицајци на овие протести и за време на Шарената револуција, кажа дека сега за 9 дена протести повредени се 54 полицајци од кои 11 потешко, однос 9 полицајци се со потешки повреди, а двајца со сериозни повреди, додека за околу два месеци на Шарената револуција во 2015 година имало 13 полесно повредени полицајци. Сепак, додаде, не е добро да има ниту еден повреден полицаец на ниту еден протест.
На прашањето за хибридни напади врз Македонија рече дека има многу хибридни напади, посебно во моменти кога се одлучува за иднината на државата, вклучувајќи ширење на лажни вести и пропаганда.
„Сакам секој да ги тргне рацете од Северна Македонија, ние самостојно да одлучуваме за нашата иднина“, порача Спасовски од Табановце каде што МВР, РСБСП и Факултетот за безбедност заедно со Агенцијата за безбедност на сообраќајот од Република Србија почнаа со превентивната акција „Вози одморен“.
Можеби ќе ве интересира: