Компаниите во кои работат средношколци од дуални паралелки, ќе мора да обезбедат дополнителна парична надокнада за нив додека им трае средното образование. Ова го предвидуваат измените на законот за средно образование, со кои освен државната стипендија која ја добиваат, средношколците од компаниите ќе добиваат и плата. Дел од фирмите, овој модел веќе почнале да го применуваат. Бојана Димовска е директорка на велешки „Ронтис“,компанија со странски капитал, која произведува медицинска опрема и соработува со државното средно стручно училиште „Коле Неделковски“ од Велес. Вели дека ефектот од овој потег никој не го очекувал.
„На почетокот кога ја земавме првата група на деца повеќето од нив го гледаа својот животен пат во странство, се гледаа себе си дека ќе продолжат надвор од земјава. Неочекувано, денес веќе имаме позитивни примери, каде што истите тие сакаат да го продолжат вработувањето во ‘Ронтис’. И мислам дека со ваквиот проект, успеваме да ги исполниме двете компоненти – да добиеме компетентни млади лица, кои што ќе останат и ќе работат во Македонија“, рече Бојана Димовска, директорка на „Ронтис“ – Велес.
За пет години, бројката на компании вклучени во дуалното образование порасна од 10 на 500. За Стопанската комора, која заедно со швајцарската амбасада е партнер на државата во овој проект наречен „Образование за вработување“, ова е вистинскиот пат фирмите да добијат компетентен и обучен кадар, а младите луѓе вработување со пристојна палата, веднаш по завршувањето на средното обрзование.
„Многу е добро што се скрши големата бариера која на почетокот постоеше во семејствата, а тоа е дека да се прати детето во средно стручно образование беше некаква стигма. Денеска работата не е така, заради тоа што, по завршувањето на средното образование, значаен дел од децата наоѓаат веднаш вработување во нашите компании, рече Антони Пешев од Стопанската комора на Македонија.
За да се унапреди дуалното образование, Министерството за образование бара од општините информации за потребите на пазарот на труд. На тој начин ќе се овозможи вработување на младите и нивно останување во земјава, вели министерката за образование Весна Јаневска.
„Ќе продолжиме со сите погодности и за учениците, но и за компаниите, за да можат тие да имаат пристојна работа, еден сосема нормален живот во својата држава, откако ќе завршат средно образование“, рече Весна Јаневска, министерка за образование.
Дел од училиштата, како што е државното средно Коле Неделковски од Велес добиваат и грантови за подобрување на условите за учење.
„Добивме грант во вредност од 500 илјади евра, со кој што започна процесот за реконструкција на машинската работилница, набавка на опрема за неа, но и набавка на дидактички материјали, кои, освен за учениците и за нашите професори, ќе бидат споделени и со нашите ментори, кои што макотрпно и секојдневно работат со нашите ученици кои што се испратени во компаниите, каде што успешно се псорведува дуалното образование“, рече Весна Стојановска Богоевска, директорка на ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ од Велес.
Во моментов, 62 училишта со 235 паралелки спроведуваат дуално образование во земјава, во кои се опфатени околу 4000 ученици.