Судскиот совет, по спроведена постапка за утврдување одговорност на судијата Енвер Беџети од Апелациониот суд Скопје, на седницата одржана на 26 мај 2025 донел одлука со која го разреши од вршење на судиската функција. Беџети е разрешен за недолично однесување, односно за нарушување на јавниот ред и мир, откако претходно не беше разрешен што 9 месеци чуваше во фиока да застари предметот за масовното незаконско прислушување „Тврдина-Таргет“ каде обвинет беше Сашо Мијалков.
За оваа злоупотреба на судиската функција, Беџети едвај беше казнет на 6 месеци помала плата, место да биде разрешен. Го штитеше групата на членовите на Судскиот совет на чело со Селим Адеми, Ханиф Зендели, Милазим Мустафа, Лорета Георгиева и други и до ден-денес не одговараа за тоа. За да го спаси Енвер Беџети, групата на чело со Селим Адеми ја избрка претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, па насилно за претседател беше избран судијата Сашко Георгиев.
Поради незаконското однесување и скандалот во Судскиот совет со пучот против Дамева, која сакаше разрешувањето на Енвер Беџети да го стави на дневен ред, двајца судии, еден апелационен и една врховна, си поднесоа оставки од членови на Судскиот совет. Незаконското и насилничко однесување на групата на чело со Селим Адеми и Ханиф Зендели беше потврдена од Управниот суд, кој ја врати Дамева на претседателското место, поништувајќи го изборот на Георгиев.
Но, ни ова не беше доволно за Обвинителството да поднесе кривични пријави против дел од членовите на Советот. Недопирливи се до денеска.
Единствено Стејт департментот веднаш презеде нешто и го стави Енвер Беџети на црната листа на САД. На 9 декември 2024, Беџети беше означен за вклученост во значителна корупција, заедно со поранешниот вицепремиер Артан Груби. Груби и Беџети јавно се означуваат за нивната вклученост во значителна корупција со прифаќање мито за нарушување на судските процеси поврзани со кривичното осудување на Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, соопшти тогаш Стејт департментот.