Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска, кој е еден од осомничените за случајот, денеска првпат сведочеше во Основниот кривичен суд во Скопје.
Тој тврди дека нема инволвираност ниту со случајот ниту со обвинетите, кои не ги познава, а и не може повеќе да ги гледа.
„Немам никаква инволвираност со овие луѓе, од чии искази во текот на постапката забележавме дека не чувствуваат ниту вина ниту се каат. Тие демонстрираат гнев и разочарување од ‘царот’“, рече тој мислејќи на првообинетиот Љупчо Палевски-Палчо, кој бил запишан „царот“ во телефонот на обвинетот Кешишев.
На секое рочиште сведочеше осомничениот татко, слушам што му правеле на моето дете. Кој имал задача да ја грабне и да ја врзе, ја трескале во багажници, ја ставале по вреќи. Се обидувале да ги замачкаат доказите.
Рече дека од самиот почеток полицијата се сомневала во него. Тапкале во место, му покажувале фотографии од девојчиња, да потврдат дали тоа е Вања, ги убедувале дека не си го познаваат детето, дека Вања избегала со некој дечко накај Тетово или решила да помине пат од 4 илјади километри до Шведска.
„Од комјутерот на Вања дознаа дека со другарче од платформата ‘Дискорт’ разменувале мислења и ги споредувале Библијата и Куранот, па нѐ убедуваа дека се регрутила наводно за ИСИС и отпатувала во Шведска. ИСИС, јас и не знам што е тоа. Еден од испекторите, Кире се викаше, зборуваше на дијалект од источна Македонија, на еден од долготрајните состаноци во полициската станица. Му се обратив со повисок тон, цитирам: ‘Киднапирана е, Кире, киднапирана е’. Не е дека по своја волја скршнала од патот кон училиштето“, сведочеше таткото.
Вели дека на состаноците во полицијата го правеле ретардиран во целата ситуација, а истрагата била водена во погрешна насока.
За да ја најде Вања, таткото кој сега е обвинет, Александар Ѓорчевски, сведочи дека правел сѐ што ќе му текне. Бил свесен дека полицијата се сомнева во него. Во неговиот исказ посочи детали од деновите кога Вања и натаму се водела како исчезната.
„Направив сѐ што ми текна. Барав помош од КФОР, Интерпол, пријатели во МВР, Амбасадата на САД. Кога ми текна дека киднаперите на Вања можат да го вклучат телефонот за да нѐ контактираат, пратив порака, за да ја видат. Во пораката напишав дека ќе направиме сѐ што ќе побараат. Зорица беше избезумена. Двајцата се трудевме да бидеме смирени пред Миња, заедно со неа обезбедувавме снимки. Се јавуваа разноразни ојасновидци, па доби и порака дека Вања е најдена во Косово. Луѓе се нудеа да дадеме облека од Вања, па да кажат каде е“, сведочеше Александар Ѓорчески.
Тој одговараше и на прашањето, како ги поврзале двете возила – „рено кангу“ и „цитроенот“ од исчезнатиот велешанец.
„Не се сеќавам дали беше среда вечер или четврток, Гоце ми покажа на неговиот телефон слика од постар човек со бела коса, од неговата ќерка која објавува дека татко и е исчезнат заедно со автомобилот. Гоце помисли дека тој човек ја има киднапирано Вања, јас се обидов тоа да го пренесам на инспекторите, меѓутоа не смеев да ги откривам идентитетот на човекот од ‘Сејф сити’, но бидејќи инспекторите Дејан и Muzafer ми се жалеа дека цело време тапкаме во место, а кај нив се наоѓаат сите инструменти за пронаоѓање на Вања а не кај мене, му се јавив на Дејан се обидов да му посочам, на суптилен начин дека е исчезнат човек од Велес и дека можеби е некој педофил па да проверат.
Ѓорчевски продолжи: „Инспекторот Дејан ми рече, не се прави дека не знаеш, сега ти нам ќе ни кажеш што се случило. Ги имаше зафатено еуфорија, инспекторот Кире викаше на цел глас со 100 нула ве победивме, инспекторот Дејан Димовски, почна да ми поставува апсурдни обвинувања, дека ја сум и ставил селотејп преку устата, дека цело време сум знаел што се случува, дека сум ги влечел за нос, паралелно со апсурдните обвинувања, имаше и физичка тортура, која не ја приметував, бев парализиран како дух, едноставно поминуваа ударите врз мене, и на секое мое прашање добро луѓе кажете што се случило, ми одговараа дека јас сум тој што треба да им каже. Велеа дека во другата просторија, киднапирите се признале, се отпеале, се сѐ знае, дека само уште јас дека треба да признаам, не знаев што треба да признаам, ги прашав за кои луѓе се работи, они ми рекоа дека не ги знам. Дека сум се договарал само со монструмот. Им реков не познавам монструм, кој е тој? Ми одговорија Љупчо Палевски. ‘Човекот кој ја правел зградата’, реков јас, они иронично ми рекоа ‘не се прави дека не знаеш’. Навистина не се сеќавам на тие моменти, какви сѐ детали би можел да ви посочам сега во моментов, затоа што бев стварно парализиран од душевна болка, иако никој не ми соопшти што се случило човечки и отворено“.
Сведочеше и како сведокот Гоце Трајковски ја вршел работата на полицијата и обезбедувал снимки од надзорни камери.
„Паметам дека инспекторот Музафер, на кого Гоце му обезбедуваше снимка од Макпетрол од Велес, бидејќи ако оделе по службен пат многу време ќе требало, Гоце ја обезбеди од некој братучед кој рече да не го кажуваме за да не ја изгуби работата, инспекторот Музафер насетуваше и знаеше дека ние сме чекор пред нив кое е возилото со кое е киднапирана Вања, од социјалните мрежи дознавме дека е запалено во село Бразда, а полицијата официјално добила соопштение после два дена. Тоа инспектор Музафер го предочи на Дејан и Кире, они добивале од ‘Сејф сити’ од братучеди и полицајци, им рече ‘не го тепајте може стварно нема врска’. Не се сеќавам ни колку време помина, бев парализиран. Ме симнаа во едни како ќелии, потоа ме однесоа во затвор, и таму добро ме обработија. Докторот се преплаши и ме пратија на Торакална неколку пати. Првпат, што се случило дознав од обвинителот Жаклина кога давав исказ со адвокатот. Првпат.
Тој на крајот од испрашувањето на Туфегџиќ, додаде: „Стојам зад се што сум кажал до сега, и пред инспектори, и пред јавниот обвинител Жаклина, кај неа мислам два пати бев спроведен. И се уште стојам на располагање, спремен сум да одговарам на кое било прашање од било кого“.
