Четворица бугарски европратеници ќе бидат дел од Делегацијата на Европскиот парламент (ЕП) во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија. Како што соопшти Европскиот парламент, тринаесет од 48-те меѓупарламентарни делегации ги одржаа своите конститутивни состаноци во понеделникот вечерта.
Содржината продолжува под рекламата
Бугарски претставници во делегацијата ЕУ-Северна Македонија се Андреј Ковачев (ГЕРБ/ЕПП), Кристијан Вигенин (Бугарска социјалистичка партија/С&Д), Ивајло Валчев (Има таков народ/ЕПП) и Христо Петров (Продолжи ја промената – демократска Бугарија/Обнови ја Европа).
Содржината продолжува под рекламата
Делегацијата се состои од вкупно 13 европратеници од пратеничките групи на Европската народна партија, Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите, патриотите за Европа, европските конзервативци и реформисти, Обнови ја Европа, Зелените/Европската слободна алијанса, Левицата во Европскиот парламент и еден независен.
Конститутивната средба на Делегацијата на Европскиот парламент во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија (МПК) е закажана за в четврток, 3 октомври. Се очекува парламентарните делегации да го изберат своето раководство до 8 октомври.
Претседавачот и првиот потпретседател на делегација нема да бидат од ист пол. Родовата рамнотежа ќе важи и за другите членови на раководството на делегацијата. Не е дозволено сите членови на раководството на делегацијата да доаѓаат од иста земја-членка.
Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ, е основан 2004 година врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација. Тој претставува форум каде што членовите на Собранието и Европскиот парламент разменуваат искуства, мислења и ставови за зајакнување на меѓусебното партнерство. Комитетот се состанува два пати годишно.
Седниците на Мешовитиот парламентарен комитет завршуваат со усвојување на завршни препораки, документ во кој се содржани заедничките ставови на двата парламента за одредени актуелни прашања од процесот на евроинтеграции. Тие се упатуваат до Европскиот парламент, до Собранието и Владата на Република Северна Македонија, до Советот на Европската унија и до Европската комисија.
Седниците на Комитетот изминатите години, често беа политички мегдан за бугарските и македонските претставници, кои полемизираа околу актуелните спорови меѓу двете земји, за уставните измени и блокирањето на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Најжестоки во критиките беа бугарските европратеници Александар Јорданов и Александар Џамбаски.
Извор на веста: dw.com.mk
Можеби ќе ве интересира: