Папата Франциск почина поради мозочен удар кој довел до кома и неповратна срцева слабост, се наведува во официјалната потврда за смртта објавена од Ватикан.
Веста за неговата смрт беше соопштена околу 12 часа пред објавувањето на деталниот медицински извештај.
Папата Франциск со години се соочуваше со сериозни здравствени проблеми. Боледуваше од хронично белодробно заболување, а уште како млад му бил хируршки отстранет дел од едното белодробно крило. На 14 февруари годинава беше хоспитализиран поради респираторна криза, која подоцна прерасна во двојна пневмонија. Во болница остана цели 38 дена.
И покрај тешката здравствена состојба, само ден пред смртта, за Велигден, излезе на плоштадот Свети Петар во Рим за да ги благослови верниците.
Како што потврди Ватикан, папата Франциск ќе биде погребан во базиликата Света Марија Велика во Рим. Со ова, тој ќе стане првиот папа по повеќе од сто години кој нема да биде погребан во Ватикан. Според традицијата, поглаварите на Римокатоличката црква се погребуваат во криптите под базиликата Свети Петар, каде што почиваат речиси стотина негови претходници. Меѓутоа, папата Франциск уште пред својата смрт изразил желба да биде погребан на друго место.