Со 127 инфицирани, Велес е меѓу петте градови во земјава со најголем број заразени граѓани од коронавирус. Но, Велес е и меѓу првите градови со најмногу контроверзни случаи поврзани со заразата. Откако се појавија првите случаи, на 26 март, овој град е речиси во секојдневните статистики на Министерството за здравство. Досега оздравеа 70 велешани, а 59 се сеуште активни. Осуммина велешани ја загубија битката со коронавирусот.
Неразјаснети останаа неколку смртни случаи. Десетина дена по појавата на коронавирус во Велес, во стан беа пронајдени тела на мајка и син, починати поодамна. Неколку дена подоцна како бомба одекна веста дека кај жената е откриен новиот вирус, но и дека според обдукцијата, тие починале на почетокот на годината. Неколку денови официјалните здравствени власти ниту ја потврдуваа, ниту ја демантираа веста за времето на смртта. Министерот Филипче дури остави можност велешкиот случај да е и светски преседан, односно вирусот да сме го имале меѓу првите во светот.
Но, откако лекарската фела еден по еден ја отфрлаше оваа можност, се појави веста дека обдукцијата покажала оти велешаните сепак починале во март. Но, многу докази беа спротивни на ова тврдење, како нивните телефонски разговори и трошењето на струја во нивниот стан. Кому му требаше сензација? Дали се работеше за грешка на тестот кај жената, па беше тешко таа да се признае? Иако новинарите беа упорни во пласирањето на своите истражувања, министерството не попушти.
Неразјаснет остана уште еден случај, на починатиот 78-годишниот велешанец, кај кого посмртно се утврди вирусот. Во неговото лекување имаше пропусти, потврди и здравствениот инспекторат. Но, одговорност не понесе никој. Министерството за здравство сеуште ја формира комисијата која треба да направи стручен надзор над случајот.
Карактеристични се и кластерите кои се појавија во Велес, но и упорноста на некои газди на компании, да инсистираат нивните сомнителни вработени, да доаѓаат на работа. Тоа резултираше со серија заразени во неколку дена, кои беа поврзани едни со други.
Сепак, тука падна глава – на првиот човек на Центарот за јавно здравје во Велес. Нему инспекторатот му најде бројни забелешки, меѓу кои и дека Центарот не реагирал навреме кога се појавија првите заразени во еден голем маркет.
Велешани коментираат дека за град со околу 50 илјади жители, бројката на заразени е преголема. Ако споредиме со Кавадарци, град со двојно помалку жители, Велес има 25 пати повеќе инфицирани и во моментов, 50 пати повеќе граѓани во изолација. Кој и каде потфрли, анализите ќе се прават во следниот период. / В.Т.