Велешанецот Влатко Саздов е градежен инженер, кој во моментов е проект менаџер/тим лидер на стручниот надзор на проект „Реконструкција и модернизација на Техничко патничка станица (ТПС) Земун/Белград“, вреден 50 милиони евра и финансиран од ЕБОР. Веќе три години работи и живее во Белград, откако консултантската куќа „Egis“ го ангажира на овој огромент проект. По 26 години работа во Македонски железници, Саздов реши да си даде отказ и да го прифати предизвикот.
Деновиве Влатко Саздов престојуваше во својот роден град, па тоа беше и прилика за разговор со него, претставувајќи ви уште еден успешен велешанец во светот.
Содржината продолжува под рекламата
Што значи реконструкција и модернизација на Техничко патничка станица Земун? На каков проект работите?
Техничко патничката станица (ТПС) Земун се протега на приближно 35 хектари и е дел од идниот модерен железнички јазол на Белград, еден од поголемите во регионот. Целта на проектот е модернизацијата на ТПС Земун и да се обезбедат дополнителни капацитети за одржување на возниот парк за превоз на патници во железничкиот сообраќај на соседна Србија. Со нејзиното проширување и модернизирање ќе се обезбедат соодветни капацитети за одржување и на новата генерација електрични моторни гарнитури (ЕМГ) кои ќе се набават во иднина. Во рамките на проектот е предвидено санација на постоечките колосеци, изградба на нови 17.000 метри нови колосеци (приемно – отпремни, санитарно – хигиенски, колосеци за сервисирање и оправка на вагони), санација на постоечките и вградување на нови 69 свртници и изградба на комплетна контактна мрежа за електрификација.
Содржината продолжува под рекламата
Работите, исто така, опфаќаат санација на постоечките и изградба на нови хали со современа машинска опрема за надворешно миење, дијагностицирање, сервисирање, поправка на патнички вагони и гарнитури и со придружни објекти како што се складишта, згради за персонал, пумпни станици за гориво, котларници и слично со површина околу 40.000м2. Во рамките на комплексот ќе биде изградена и нова водоводна, канализациона, гасна инфраструктура и геотермални бунари. Делокругот на работите опфаќа и реновирање на постојните и поврзување на сервисните патишта со надворешната сообраќајна мрежа, како и изградба на нови внатрешни патишта во рамките на комплексот. Сето ова горенаведено ќе биде поврзано со најсовремени информатички, сигнализациски и телекомуникациски системи. Официјалната кореспонденција на проектот е двојазична на српски и англиски.
Содржината продолжува под рекламата
Зошто Белград и како дојде до соработка со консултантската куќа „Egis“?
Членувајќи во меѓународни стручни организации и учествувајќи во приватна режија со презентации и на панел дискусии на многу конференции, саеми и советувања низ Европа, како во Берлин, Истанбул, Белград, Виена, Загреб, стапив во контакт со повеќе консултантски куќи кои работат во регионов, меѓу кои и француската „Egis“ која има своја канцеларија во Белград. Тоа беше понуда за соработка која не се одбива и претставуваше предизвик за мене како инженер, да бидам дел од еден голем проект како што е проектот „Реконструкција и модернизација на ТПС Земун“, кој во рамките на железнички јазол на Белград има клучна улога. Со моите референци што ги имав како надзорен инженер на проекти од овој тип, дотогаш вработен во ЈП МЖ Инфраструктура и мојата допонителна едукација низ годините, одлучивме да учествуваваме на тендерот и победивме. Си дадов отказ после 26 години работа во македонски железници, регистрирав своја консалтинг фирма во Белград, склучивме договор и еве скоро две и пол години од самиот почеток сум учесник во овој голем проект.
Дали во железничкиот систем на македонски железници е потребен и планиран ваков тип на комплекс како што се гради во Србија?
Сигурно дека е потребен и претпоставувам дека во развојниот план на претпријатието за железнички транспорт на патници предвидено е проширување на постојните капацитети и нивна модернизација. Нормално, сето тоа треба да биде проследено со соодветни проекти и финансиска конструкција подржана од државата. Се надевам во иднина кога ќе се створат услови и МЖ транспорт својот возен парк ќе го одржува во нови хали со современа машинска опрема.
Имате ли учествувано во проекти во Македонија за ремонт и реконструкција на постоечките пруги?
Да, додека бев вработен во МЖ Инфраструктура прво работев во делот на одржување на пругите, а потоа како заменик раководител на секторот за инвестиции, учествував во разни фази од тие проекти, како подготовка на тендерска документација, евалуација на понуди, инженер за надзор, арбитражна процедура и слично, на пругите од коридор 10 и коридор 10д. Тоа се проектите Табановце – Куманово, Ногаевци – Неготино, Миравци – Смоквица и изградба на пругата Битола – Кременица. Непосредно пред да заминам од претпријатието директно бев вклучен во фазата на подготовка на тендерска документација за изградба на коридорот 8 за третата делница Крива паланка – граница со Р.Бугарија.
Каква е ситуацијата со проектите во железницата во Македонија?
Пред 10-12 години бевме пред соседните земји со нивото на проектите за ремонт, реконструкција и модернизација на постоечките пруги и изградба на нови пруги. За жал, Македонија денес е во ситуација да го фаќа последниот воз за приклучок кон железничката мрежа во регионот. Сите соседни земји без исклучок интензивно работат на реконструкција и обнова на својата постоечката железничка инфраструктура, а преку разни начини на финансирање од меѓународните институции од тој домен се поврзуваат со главните железнички транспортни токови. Ние тука мораме да ја искористиме географската положба и моменталната наклонетост на Европската унија за конечна изградба на делот од Коридорот 8 кој проаѓа на македонска територија. Како прв чекор пругата од Куманово – граница со Бугарија и потоа пругата Кичево – граница со Албанија, односно железничко поврзување на Јадранско со Црно море. Наклонетоста на ЕУ се манифестира со обезбедување на неповратни финансиски средства за втората и третата делница кон Бугарија (Бељаковце – Крива Паланка – граница со Бугарија).
Но, ништо не сме направиле ако не се поврземе и на запад со Албанија. За оваа пруга се изработени проекти, но изнаоѓањето средства од меѓународните финансиски институции оди многу тешко. Што се однесува за коридорот 10, додека Република Србија со сите свои капацитети е максимално ангажирана на реконструкција на железницата на нејзината територија (Прешево – Суботица), ние како држава околу ова прашање имам впечаток дека се однесуваме млако и нерешително. На позиционирањето на Кина, директно од солунското и атинското пристаниште преку Будимпешта да ја транспортира својата стока во ЕУ, мораме што побргу и решително да одлучиме што со пругата север – југ на нашата територија. Размислувањата се источно од постоечката и за изградба на комплетно нова пруга од Табановце до Гевгелија, но одлуката за начинот за финансирање многу зависи од геостратешката политика на земјата.
Што предлагате за надминување на некои слабости што се јавуваат во реализација на овие меѓународни проекти за рекострукција и изградба на пругите на територијата на Македонија?
Пред се концептуално прераспоредување на обврските и задолженијата на државните институции кои се занимаваат со оваа проблематика. Треба да има тело – оддел, кое ќе ја води и ќе биде одговорно за целокупната стратегија во сите фази на развојот на железницата во републиката, а истото тоа да биде само логистички сервисирано, со податоци и времено ангажирање на стручни луѓе, од страна на министерствата и јавни претпријатија, кои е потребно да бидат инволвирани. Ова тело – оддел, преку јавни набавки, да ангажира консултантски куќи и компании за сите фази на ваков тип на проекти, како физибилити студии, проектирање, ревизија, изградба и надзор, и ќе ја следи нивната реализација. И по можност да биде така позиционирано, да не трпи кадровски промени при промена на власта.
Кои се вашите понатамошни планови?
Пред се успешно привршување до крај на следната година на проектов во Белград, а потоа сите опции за ангажман се отворени. Нормално дека ако се јави можност да се вратам во Македонија и да работам на наши проекти тоа прво би го направил, а ако не, тогаш би продолжил на проекти во соседството каде веќе се наѕираат некои понуди.
Можеби ќе ве интересира: