Велешката полиција утрово, на автопатот Градско – Велес уапси шверцер, кој во своето возило превезувал 12 мигранти.
Околу 3 часот по полноќ, во близина на клучката Велес – Штип – Скопје полицијата сопрела возило марка „Фолксваген шаран“ со скопска регистрација, кое го управувал А.С. (45) од село Лојане, липковско.
Во него пронашла 12 мигранти, од кои десет од Авганистан и двајца од Иран.
По документирање на случајот, против уапсениот ќе биде поднесена соодветна пријава.
За неколку дена ова е втор случај велешката полиција да пронајде шверцувани мигранти. Минатата недела на стариот пат Скопје – Велес беа пронајдени 25 мигранти, но возачите на трите автомобили со кои биле превезувани избегаа.