Во СВР Велес под надзор се две лица со решение на ДСЗИ, 99 лица по наредби за самоизолација, а контролирани се 77 угостителски објекти, откри министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Тој рече дека досега за еден граѓанин кој живее на територијата која ја покрива СВР Велес е поднесена кривична пријава за непочитување на самоизолацијата.
„Во однос на теренските контроли за тоа дали се почитуваат мерките за здравствен надзор и самоизолација, на ден 17 и 18 март поднесени се пријави против 12 лица. Две кривични пријави се во Струмица за дела по член 205 од КЗ за пренесување заразна болест и 10 се за кривични дела по член 206 од КЗ за непостапување по здравствените прописи во услови на епидемија и се однесуваат на Велес и Битола“, рече Чулев.
Тој не можеше да каже точна бројка на лица за кои се издадени вакви мерки за здравствен надзор и самоизолација бидејќи, како што рече, тој се менува од час во час. До почетокот на прес – конференцијата тој рече дека располагаат со податок за 365 лица под здравствен надзор и околу 1 000 за самоизолација.
Одговарајќи на новинарско прашање за изречените казни за овие лица, Чулев рече дека досега се работи само за парични казни до најмногу 2 500 евра, иако законот предвидува и затворски казни до 3 години.