Велешки „Брако“ изгради болница за 14 дена

Погледнете како изгледаше целиот процес на изградбата на модуларната болница

Велешката компанија „Брако“ изгради монтажна болница до Инфективната клиника во Скопје за само 14 дена. Таа сега ќе се користи како КОВИД центар, но во иднина, предвидено е оваа новоизградена болница да биде ургентен центар на Инфективната клиника, каде што ќе се прави тријажа на пациентите, кои потоа ќе се распределуваат каде што треба.

Zito akcija 640x289px

Од велешката компанија „Брако“, која ја изгради монтажната болница, велат дека сакале да покажат дека и во Македонија, како во другите технолошки напредни земји, може во рекордно време да се изгради КОВИД центар.

Agria

„Иако имавме рок за изведба од 21 ден, предизвик ни беше да го изградиме КОВИД центарот во рекордно време. Со добра организација, водени од желбата да го ставиме во функција објектот што побрзо за да може да се зајакне здравствениот систем согласно потребите – го произведовме и монтиравме со ‘клуч на рака’ за 14 дена. Кога останатите технолошки напредни земји покажаа дека во вонредна состојба може индустријата брзо да реагира, сакавме да покажеме дека и ние можеме. Брзото производство и изведба е благодарение на посветениот тим во ‘Брако’ – инженерите и работниците, како и високософистицираната технологија која ја користевме при изработката“, вели Александар Наумов, директор на одделот за метални конструкции, задолжен за изработка на проектот.

Погледнете ја изјавата на Александар Наумов, директор на одделот за метални конструкции, задолжен за изработка на проектот.

За изградбата на монтажната болница, швајцарската влада донираше 200 илјади швајцарски франци. Водени од солидарност и вонредната состојба, а и поради фактот што болницата е донација, менаџментот на „Брако“ се откажа од заработката.

Brako naslovna

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека со модуларната маневарска болница до Инфективната клиника, во најкраток временски рок ги дуплирале капацитeтите на установата и овозможиле простории за болнички кревети, амбулантски и тријажен простор, соби за одмор на персонал, тоалети за пациенти и персонал, гардеробери и соби за состаноци.

„Целата оваа структура ја поврзавме со „топла врска“ до зградата на Инфективната клиника, а во периодот кој следува ќе ја доопремиме и со потребната немедицинска опрема. Ја амортизираме евентуалната оптеретеност на клиниката и даваме можност на медицинскиот персонал соодветно да ги распореди сопствените ресурси во борбата за превенција и заштита од коронавирус“, напиша Филипче на Фејсбук.

Монтажната болница ќе има капацитет од 72 легла.

Во продолжение погледнете ја галеријата од фотографии, кои заедно со промотивното видео ги изработи Тулип продукција. Камерата е на Иван Камчев, Димче Саздов и Бојан Картинов, а монтажата на видеото ја изработи Данчо Стефков.