Вкупниот број на заразени со коранавирус во Македонија се искачи на 70, информираше министерот за здравство Венко Филипче.
„Тројцата нови пациенти биле во контакт со веќе заразени лица. Денеска заразени лица имаме во Скопје, Дебар, Гостивар Штип и Охрид. Од утрово влошена е ситуацијата на единствената пациентка што е на респираторна машина. Двајца од заразените пациенти се во фаза оздравување“, рече Филипче.
Пациентката која се наоѓа на респираторна машина ноќеска влегла во критична фаза, откри Филипче.
„Сите пациенти се релативна стабилна слика, лесна до средна. Пациентката на респираторната машина останува, и во крајните доцни часови синоќа влезе во многу критична фаза. Се прават сите напори да се врати ситуацијата во стабилна“, рече министерот.
Тој повтори дека Македонија располага со 120 респираторни машини, а процентот на потребата од респираторна машина е 5 отсто на 1.000 заразени пацинети.
„Имаме проблеми со набавката на респираторни машини од Бразил и се надеваме дека ќе ги надминеме, а потврдена е донацијата од 200 респираторни машини од Кина. Тоа значи дека располагаме со доволен број“, рече Филишче.
Тој зборуваше и за идејата за обединување на капацитетите на двете лаборатории, на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и на болницата „Жан Митрев“.
„Досега се направени 888 тестови, ИЈЗ има 1.400 тестови, во тек е набавка на уште 1.000, ветена е донација на 1.000, а тука се 300 тестови во болницата „Жан Митрев“. Од понеделник тестови ќе се вршат на уште два пункта – поликлиниките во Аеродром и Чаир“, рече Филипче.
Министерот потсети дека затворањето на македонските граници за македонските граѓани е спротивно на Уставот.