Велешката фирма БРАКО разви нов модел на свипер, односно електрична метларка за одржување хигиена. На саемот во Минхен електричните и хидрогенските возила на БРАКО од брендот Грин Машинс го привлекоа виманието на посетителите, главно општини, специјализирани претпријатија и компании за јавна хигиена.
Покрај постоечките возила за чистење на електричен и водороден погон од својот бренд Грин Машинс, велешки БРАКО во Минхен претстави ново возило целосно развиено од инженерите во БРАКО. Моделот 720 ZE работи со технологија од последната генерација, со вградени мотори во задните тркала и управување на сите четири тркала, има поголем контејнерски простор, 360◦ камера и помала тежина од конкурентските возила во својата категорија. Ова е осмо возило во програмата на Грин Машинс.
,,На овој саем гордо го претставуваме нашето портфолио, ја претставуваме првата електрична метларка во светот, првата метларка на хидрогенски погон, и сега нашето најново достигнување, моделот 720 ZE.
Ние сме особено горди што целиот развој на ова возило е направен во Македонија, од страна на нашиот тим од инженери. Тоа значи дека сите механички, дизајнерски и софтверски решенија се направени тому од нашиот тим”, рече Ангел Анѓушев-директор на ,,Грин Машинс’’ на БРАКО.
Во развојот свој придонес дадоа и експерти од Машинскиот факултет во Скопје.
Од Грин Машинс на БРАКО сметаат дека новото возило ќе отвори нови пазари, таму каде се бараат возила за чистење со овие перформанси. Досега македонските електрични метларки се продаваат во 60 држави и ги чистат сите светски метрополи.
Од БРАКО велат дека нивните електрични и хидрогенски возила се поквалитети и поевтини од тие на светската конкуренција, и затоа успеваат успешно да се борат со американски, германски и француски производители. Додаваат и дека е полесно да се развие и произведе патничко возило, отколку возило за чистење – кое треба да се направи и да вози и да извршува задачи, соопштуваат од компанијата.
Можеби ќе ве интересира: