Голем бод од Струга носат фудбалерите на Борец. Иако од 52 минута играа со играч помалку, по иклучувањето на Николовски, тие ремизираа со домаќинот Струга Трим Љум со 1:1.
Натпреварот не започна најдобро за велешани. Уште во деветата минута домаќините преку албанскиот интернационалец Цаке поведоа со 1:0. Примениот гол го разбуди Борец и почна да притиска. Младиот тим на Христов најсериозната закана во првиот дел ја имаше во дваесеттата минута кога напаѓачот Ѓорѓи Ѓорѓиев излезе пред голот од десната страна, ама биеше само крај дирекот.
Содржината продолжува под рекламата
Струга ја задржа предноста на паузата, а кога се очекуваше Борец да нападне, налетите на гостите беа скратени со црвен картон кој во 50. минута го заработи Николовски. Во 79. минута, Раџен беше невнимателен и го удри Босанчиќ во главата. Следеше пенал за домашните, одговорноста ја презеде токму Босанчиќ, но Рниќ го прочита неговиот удар. Следеше брза контра на Борец и гостинот го казни промашувањето. Атрактивен лоб во мрежата на домашниот тим постигна „џокерот“ Енсар Љума, кој беше само десет минути на терен и се покажа како златна замена. Во последните десет минути домашните направија притисок, но залудно.
Веќе во среда повторно ќе се сретнат овие две екипи во рамките на Куп натпреварот. Во следното коло Борец на стадионот „Зоран Паунов“ ќе ја пречека екипата на Академија Пандев.
Можеби ќе ве интересира: