Борец не успеа да го задржи водството во Струмица и загуби од Академија Пандев со 2:1 во натпревар од 16. коло на ПМФЛ. Велешани лошо го отворија натпреварот, па му дозволија на домаќинот да создаде неколку шанси пред голот на Георгиевски, кои останаа нереализирани. Сепак, Борец прв постигна гол, откако во 39. минута велешани искористија една грешка на противникот. Ристовски му додаде на Прелчец, овој со двоен пас, повторно врати кон Ристовски, кој мајсторски се снајде во шеснаесетникот и го матираше голманот Алчевски.
Вторто полувреме започна со доминација на Борец, но шансите останаа неискористени. Како одминуваше времето, така фудбалерите на Академија Пандев ја преземаа играта и почнаа да создаваат шанси. Во 77. минута Крстовски доби топка во шеснаесетникот на Борец, со глава го префрли голамнот Георгиевски, кој стартуваше на домашниот играч, а за судијата Качевски тоа беше пенал. Сигурен реализатор беше Радески, за израмнување на 1:1.
По изедначувањето, „пандевци“ продолжија со притисокот кон голот на Борец, а тоа резултираше со победоносен гол на две минути до крајот на средбата. Трапановски упати одличен центаршут од лево, на топката налета Радевски, кој ја заби во мрежата на немоќниот Ѓорѓиевски.
По овој пораз, Борец падна на шестата позиција на табелата и се израмни по бројот на бодовите со Струга Т.Љ. и Силекс. Токму кратовчани се следниот противник на Борец, во натпревар од претпоследното коло од есенскиот дел, кој ќе се одигра во недела на Градскиот стадион „Зоран Паунов“ во Велес.
Можеби ќе ве интересира: