(ВИДЕО) Братот на Рацин: Кочо не беше наглув!

На денешен ден, на 13 јуни 1943 година убиен е Коста Солев – Рацин, еден од најзнаменитите велешани, македонски книжевник и социјалистички деец, најпознат по својата поезија. Рацин се смета за еден од основоположниците на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и книжевната критика.

Zito akcija 640x289px

По повод одбележувањето на 77-годишнината од загинувањето на Рацин, еколошката групација „Грин Пауер”, од Велес, годинава, по втор пат организираше планинарски Марш во чест на Рацин, од Велес до Лопушник, Кичево, местото на неговото трагично загинување.

Agria

Рацин загинал во виорот на Втората светска војна. Вечерта на 13 јуни, додека се враќал во партизанската печатница на планината Лопушник, Кичевско, смртоносно бил застрелан од Мино Миновски, партизанот кој го чувал пристапот кон печатницата. Според податоците кои ги наведува Перо Коробар, при тоа Рацин бил на триесетина метри подолу од него, а партизанската база се наоѓала на 300-400 метри од печатницата.

Има две верзии околу смртта на Рацин. Според првата, станува збор за несреќен случај: поради вродената наглувост Рацин не го чул повикот на стражарот да застане и да се идентификува, по што овој го истрелал смртоносниот куршум.

Според втората верзија тој е намерно убиен. Според некои наводи, Страхил Гигов политички го изолирал Рацин и го организирал неговото убиство, а сомнежи дека се работи за наместен случај фрла и податокот дека Рацин, пред заминувањето во партизани и на патот до партизанскиот одред, веројатно влегол во судир со Добривое Радосавлевиќ, како и податокот според кој на Рацин му бил одземен пиштолот додека бил во партизанскиот одред.

Емисијата КОД пред повеќе од 10 години го истражуваше случајот на убиството на Рацин. Во сторијата, меѓу другите, зборува и братот на Кочо Рацин, Александар Солев, кој тврди дека Кочо не бил наглув.

Погледнете ја истражувачката сторија на КОД, чии автори се велешаните Владимир Тевчев и Данчо Стефков.

https://www.facebook.com/Dancho.Stefkov/videos/2981797455236082/?t=39