Во употреба е пуштена првата плажа на езеро „Младост“. Таа е уредена на површина од 5.000 метри квадратни, а првите гости ќе ги пречека за време на продолжениот празничен викенд. Поставени се сламени чадори како заштита до сонце, послана е ситна песок, а изграден е и мини забавен детски парк. Пристапот до плажата е овозможен преку скалила, а изградена е рампа и патека за лица со инвалидитет. Посетителите можат да се пресоблекуваат во изградените соблекувални, а покрај нив се поставени тушеви и чешма.
Општината во плажата вложи еден милион денари сопствени пари, а ако на ова се додаде и трудот на затворениците од затворот кај Превалец и донациите во канти за отпадоци, тогаш инвестицијата има повисока цена, рече на денешното симболично отворање на плажата Аце Коцевски, градоначалник на Велес.
„Во пресрет на големиот празник Илинден, симболично ја предаваме на користење првата уредена плажа на езеро „Младост“. Обезбедивме вода за пиење. Ја обезбедивме плажата од околните насипи. За најмладите има детско забавно катче. Плажата е прилагодена за лицата со попреченост. Има систем капка по капка, посеана е трева да се зазелени околината. Обезбедивме и шест големи контејнери за отпад, за стакло, пластика. Ги потсетувам посетителите да ја чуваат урбаната опрема која е поставена“, рече Коцевски.
Ова е првата уредена плажа на велешкото езеро од неговата изградба пре речиси 60 години, вели градоначалникот на Велес. Запрашан зошто не се сече трската во водата, тој рече дека тоа е забрането, бидејќи трската е заштитена со закон, поради тоа што таа е природен прочистувач на езерото, но и таму се мрести рибата.
Годинава за плажата ќе се грижи ЈКП Дервен, а доколку има интерс, за следната сезона општината ќе ја даде плажата под концесија.
Можеби ќе ве интересира: