Македонскиот филм „Стела“ во петокот конечно ја доживеја својата светска премиера. Конечно, затоа што по низа перипетии, поради ковид-кризата и одложување на првично закажаната премиера во март, таа се случи шест месеци подоцна.
А премиерата пројде според сите стандарди за една филмска премиера, на кои се надодадоа и стандардите за заштита од ковид-19. Продуцентите ова остварување го најавуваа и како прв еко филм, па согласно тоа, на секое столче во публиката беше поставен стаклен пепелник, за оние кои, додека го гледаат филмот, имаат потреба да пушат.
„Стела“ го отвори годинешниот филмски фестивал „Синедејс“. А организаторот на фестивалот се потрудил се да изгледа светски – од филмското платно до неверојатниот звук, кој иако на отворено, на тревникот во градскиот парк во Скопје, беше одлично дотеран, па гледачот можеше да го слушне и најтивкиот дијалог од филмот, да го доживее секој специјален тонски ефект на сараунд технологијата.
„Стела“ е првиот детски и семеен филм снимен во Македонија. Режисер е Стојан Вујичиќ, а главните улоги ги толкуваат Петар Маниќ, Тони Михајловски, Дејан Лилиќ, Христина Поповиќ и Симеон Мони Дамески.
Важна улога во изработката на филмот имаат и двајца велешани – монтажерот Данчо Стефков и дресерот на кучиња Ристе Гиовски. Батали.нет присуствуваше на премиерата и почнувајќи од денеска, кога ви ја пренесуваме со слика и тон атмосферата од премиерата, во следните денови ќе ги слушнете и импресиите на главните ликови од филмот.
Можеби ќе ве интересира: