Состојбата во ЈКП „Дервен“ е алармантна, со големи финансиски загуби, дотраена механизација, уништени резервни извори на вода и незаконски зголемени цени за фирмите и граѓаните, порача кандидатката за член на Советот на Општина Велес од редовите на СДСМ, Мирјана Петрушева Савова. Таа рече дека работењето на „Дервен“ директно влијае на секојдневието на велешани, а во последните години, како што вели, претпријатието се претворило во слика на негрижа и партиски вработувања.
„Дервен е во голема финансиска загуба. Има огромни загуби на вода. Специјалните возила за собирање и транспорт на отпадот се стари и дотраени. Многу често има дефекти на водоводната мрежа, сеуште вода пиеме од опасни за здравјето азбест цементни цевки,“ рече Петрушева Савова, додавајќи дека се уништени и Рени бунарите, кои биле предвидени како резервен извор за водоснабдување.
Таа нагласи дека „расфрлано ѓубре и диви депонии има насекаде околу нас“, а ѓубрето наместо ноќе, се собира преку ден, што го зголемува сообраќајниот метеж.
„Нема селектирање на отпадот, нема рециклирање. Улиците не се перат. Парковите се запоставени, а цвеќиња се садат само во центарот на градот,“ додаде таа.
Петрушева Савова обвини дека претпријатието е преполно со партиски кадри и дека директорот годишно троши милиони од буџетот на граѓаните.
„Иако ЈКП Дервен е превработено претпријатие, директорот годишно троши над 23 милиони денари за нови партиски вработувања на определено време. Што е многу, многу е,“ изјави таа.
Освен тоа, според неа, незаконски биле зголемени цените за наплата на тезги и отпад.
„Противзаконски, криминално, без дадена согласност за нови цени од Советот на Општина Велес, за 100% беше зголемена цената на дневната наплата на тезгите. Цената пак за собирање и транспортирање на комуналниот отпад на домаќинствата и на фирмите им беше незаконски зголемена за над 100%,“ рече таа, објаснувајќи дека Министерството за животна средина писмено побарало одлуката да се поништи, но тоа не било направено.
„Тоа беше причина претпријатијата да се организираат против општината и Дервен, а сега правдата ја бараат на суд. Кој ќе ја преземе одговорноста доколку судовите донесат одлука во корист на фирмите? Кој ќе им ги врати парите на фирмите што ЈКП Дервен незаконски им ги наплаќа изминатите месеци?“ праша Петрушева Савова, додавајќи дека време е виновниците да сносат лична, кривична и финансиска одговорност.
На крај, таа порача дека СДСМ се обврзува на реформа и враќање на претпријатието во функционална состојба.
„Пред Вас, во име на СДСМ и коалицијата се обврзуваме дека ќе ги исправиме неправдите и дека со исправни политики и со стручни, компетентни, чесни и одговорни кадри, ЈКП Дервен ќе биде успешно како некогаш и дека ќе ви дава многу, многу поквалитетни услуги,“ заврши Петрушева Савова.