Казината ги скараа ДУИ и Пендаровски. Шефот на државата не го потпиша указот на Законот за игри на среќа и го врати во Собранието, бидејќи како што тврди Пендаровски, овој закон е донесен во несоодветна постапка со злоупотреба на европското знаменце.
По ваквата одлука, ДУИ го поздравија шефот на државата со критика. „Одлуката на Пендаровски е за жалење“, велат од партијата.
„По сите блокади и опструкции, парламентарното мнозинство конечно го изгласа законот, кој го поздравија сите граѓани, Албанци, Македонци, Турци, Роми, Срби, Босанци и сите останати, а посебно мајките со пораки ‘ни ги спасивте децата’, како и здруженијата против коцкање. Образложението дека европското знаменце била злоупотребено за усвојување на законот е приказна за мали деца. Замислете немале забелешки за содржината, туку за процедурата. Ние не се предаваме во оваа битка“, велат од ДУИ.
Извори од Собранието за ТВ 24 пак велат дека повторното враќање на Законот за игри на среќа во Собранието мора да биде преку редовна постапка, без европско знаменце. Ова значи дека собраниската процедура ќе трае подолго, а Законот ќе биде на удар на амандмани што може дополнително да ја одолговлечи постапката за негово усвојување, но исто така за усвојување на Законот за редовна постапка ќе биде потребна поддршка од 61 пратенички глас.
За тоа каква е реакцијата по враќањето на Законот во собрание, ТВ 24 побара став и од СДСМ, но до објавување на прилогот одговор не добивме.
Инаку, Законот за игри на среќа, кој предизвика бурни реакции во јавноста, беше проследен и со коментари дека преку него се отвора патот за бизниси на луѓе блиски на или од владеачката ДУИ. Главниот аргумент на Пендаровски беше дека има злоупотреба на европското знаменце. Меѓутоа политички, до последен момент во јавноста се лицитира дека Пендаровски е можниот претседателски кандидат на СДСМ, кој требаше да добие консензуална поддршка и од коалиционерот ДУИ.
Извор на веста: Телевизија 24
Можеби ќе ве интересира: