(ВИДЕО) Потресна сторија: Велешанец со својот 8-годишен внук едвај преживуваат

Во мрак и студ поминува зимата во домот на семејството Јовановиќ од Велес. Секоја вечер 63-годишниот Бранко го покрива својот осумгодишен внук, во надеж дека утре нешто ќе се смени. Дека струјата ќе му помогне на телевизорот да донесе ведрина во трошната куќарка. Дека наместо надвор, тој и внукот ќе се капат на вода стоплена во бојлер, дека наместо да го сече креденецот, дрва за огрев ќе става во ќумбето среде соба. Сиромаштија го навјасало ова семејство, па сега нема ниту мирен сон.

Zito akcija 640x289px

„Молчам, гледам за внучето. Гледам за него да има. За мене, како и да е… Внучето е мојот живот. И сон немаме. Се мислам, што ќе биде утре. Ама, тоа е. Бегање од животот нема. Рака да се крене на свој живот е најтешко. А мора да се живее. Мора да се оди напред“, низ солзи вели Бранко Јовановиќ.

Содржината продолжува под рекламата

Agria

Бранко е бегалец од Косово. Кога пред 23 години таму избувна војна, семејството се сели во Велес, кај родителите на сопругата. Со своите тројца синови и ќерка живеат скромно, ама сложно. Но, пред пет години почнуваат неволјите. Бранко мора порано во пензија, оти болест здравјето му го зема. Во меѓувреме, починува и сопругата, па тој со своите 10 илјади денари пензија, оптоварени со долгови за кредити за лекување на сопругата, мора да го прехрани семејството.

Содржината продолжува под рекламата

„Се отиде во удолнина. Немаме никакви услови, немаме егзистенција. Парите го вртат животот. Немаш пари – немаш купување ниту леб, ниту ништо. Давачките растат, комуналиите се покачуваат и немам опстанок никаков“, раскажува Јовановиќ.

Во куќата нема струја. ЕВН му ја исклучила поради долг од 20 илјади денари. Згора на се, преку извршител му зема пари и за стари долгови. Бранко не добива ниту денар пензија. Неговите деца не можат да најдат пристојна работа.

„Им реков на децата – фаќајте патот некаде надвор, сите одат, одете и вие. Родител да си ги брка децата…“, липајќи вели Бранко Јовановиќ.

Бранко сонува за социјален стан. Така ќе му остане една третина од пензијата, за да купи храна за внукот.

„Да имаме свој покрив над глава многу значи, да не плаќаме кирија. А јас сум со години под кирија, откако сум дојден, 14 години само под кирија сум. А јас си знам како сум плаќал, а и фамилија да гледам, деца да школувам“, плачејќи ја завршува Јовановиќ својата тажна приказна.

Неговиот внук е второодделенец. Иако многу мал, се чини дека е свесен за голготата низ која поминува тој и дедо му. Со солзи во очите го молеше снимателот да не го снима во лице. Му е срам од другарчињата. Но, срамот треба да се бара на друго место, вели Бранко. Иако никому не е лут за неговата состојба, смета дека државата треба повеќе да се грижи за семејствата со ниски приходи. Благодарен им е на хуманите луѓе и соседите, единствените кои го одржуваат во живот Бранко и неговиот осумгодишен внук.

Телефон за контакт:

Телефон: 075593870
Улица: Ганчо Хаџи Панзов 83

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: