Министерот за здравство, Арбен Таравари, кажа дека и натаму на лекување се 151 пациент, кои настрадаа во диското „Пулс“ во Кочани. Од нив, рече дека пет пациенти се во полоша состојба, како и дека некаде има влошување. Добрата вест е дека 12 пациенти си заминуваат дома, а кои се лекуваа во Скопје.
„Вкупно во болниците во Скопје се 39 пациенти. Денеска се испишуваат 12 пациенти и практично ќе останат 27 пациенти кои се лекуваат во болниците во Скопје. Исто така во странство продолжуваат да бидат 115 пациенти. Имаме добра вест, што најверојатно еден пациент од Белград се враќа денеска, ќе биде на понатамошно лекување во Скопје. Состојбата на пациентите надвор во државата, продолжува кај четири-пет пациенти да бидат во посериозна состојба, некаде има и влошување, но колегите се обидуваат да дадат максимум од себе, за да го поминат овој тежок период за нив“, рече Таравари.
Екипи од Клиниката за пластичка хирургија веќе заминале за Кочани и таму ќе даваат третман на повредените.
„Веќе има понуди од неколку западноевропски држави за подолгорочна рехабилтација на потешките пациенти кои по неколку недели ќе се вратат во Македонија. Изразуваат подготвеност. Дополнително ќе известиме каде ќе бидат сместени тие пациенти“, истакна Таравари.