Владата на вчерашната 57-ма седница го донесе предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за медиуми. Со оглед на фактот дека резултатите од последните истражувања покажуваат дека над 70 oтсто од јавноста се информира на интернет, со што онлајн медиумите стануваат важен чинител во медиумскиот простор, се наметна потребата од нивно воведување во Законот за медиуми, што ќе придонесе и за поинтензивно поттикнување на саморегулацијата како битен сегмент за професионалното новинарско работење и зајакната конкурентност во медиумскиот простор.
„Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми има за цел да ја зајакне конкурентноста во медиумскиот простор и да ги реши постојните проблеми со интернет порталите, преку поставување на правна рамка која ги препознава како такви, односно јасни правила за нивно основање и регистрација“, велат од Владата.
Дополнително, на седница Владата ги утврди членовите во Комисијата за утврдување на репрезентативност од надлежните институции и тоа, по еден претставник од Министерство за економија и труд, Министерство за социјална политика, демографија и млади и Министерство за правда. Воедно, Владата ја донесе одлуката да додели премија на ракометарите во висина од 3 милиони денари како резултат на достоинственото презентирање на македонските спортисти во Хрватска на Светското првенство, со особена благодарност за нивната пожртвуваност.
