Владата согласно информацијата на Министерството за животна средина и просторно планирање за надминување на прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 микрограми на метар кубен во текот на два последователни денови) на мерните места во Скопје – Центар и Лисиче, Кичево, Кавадарци и Струмица известува дека стапуваат на сила препораките и мерките за надминување на праг на алармирање за Градот Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица .
Владата ги информира надлежните институции и релевантните општини дека е потребно да постапат согласно заклучоците од записникот од 40-та седница одржана на 28 ноември 2017 година, според кои:
Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство:
• Препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
• Препорачува на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот.
• Препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
• Обезбедува услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа:
• Обезбедува прифатилишта за сместување на бездомници.
• Дава поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.
Министерството за здравство:
• Да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.
Државниот инспекторат за животна средина:
• Да започне со вршење на зачестена контрола на инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.
Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави:
• Препорака до инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.
Единиците на локална самоуправа се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на советите на општините.
Истовремено, Владата на Република Северна Македонија:
• Ги задолжува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила и
• Се препорачува ограничување на работите на градежните објекти до престанок на важење на препораките и мерките.
Можеби ќе ве интересира: