Обвинувањата дека градоначалник на мала општина како Радовиш има каква било моќ или влијание врз процеси од национален карактер, како што е изборот на членови на Судскиот совет, се апсурдни и далеку од реалноста.
Вака реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако опозицискиот СДСМ обвини за скандалозен избор на судијката Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип за нов член на Судскиот совет од редот на судиите, која, како што велат, е сопруга на актуелниот градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ацо Ристов.
Тврдењата дека Ристов на кој било начин влијаел врз институција како што е Судскиот совет, од ВМРО-ДПМНЕ ги оценија за доказ на очајот на СДСМ и нивната потреба да фабрикуваат скандали, но и да го покријат, како што велат, катастрофалното наследство на нивната партија во судството.
„Изборот на Данка Ристова за член на Судскиот совет е направен согласно законските процедури, а нејзините професионални квалификации се клучни за оваа функција. Данка Ристова е докажан професионалец, кој повеќе од 30 години е во правосудството, и таа е избрана со мнозинство гласови на непосредни избори, каде гласале судиите од штипското апелационо подрачје, вклучително и Струмица и околината. Граѓаните знаат како се бирани судиите во Струмица и кој ги бирал, но и во цела Македонија. Оттука небулозно е да се тврди дека ВМРО-ДПМНЕ може да влијае на нејзиниот избор. Очигледно е дека кај судиите при гласањето, на крај, сепак, преовладеала мислата да изберат врвен професионалец, наместо послушник на СДС и ДУИ, како до сега“, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Од партијата оценија дека СДСМ продолжил да застанува во одбрана на криминалот на своите сегашни и поранешни челници, на криминалот на ДУИ и сите оние што се огрешиле пред законот.
„Стравот нема да им помогне, само може да ги доведе во заблуда дека со вакви прес-конференции може да ја запрат борбата против корупцијата и да ги задржат корумпираните судско-обвинителски и бизнис-политички спреги во моќ во правосудството. Правда доаѓа, сакале тие или не. И тоа доаѓа за сите, без разлика на партиска, етничка или верска припадност“, додаваат од владејачката ВМРО ДМПНЕ.
Судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип беа избрани за нови членови на Судскиот совет по изборите кои вчера се одвиваа во изборните места во сите судови ширум земјава.