Тошковски не сокри нешто, не рече дека законот не важи за неговиот татко, а за сите други важи, туку и роден брат или сестра да е, ако се огреши треба да одговара, велат од ВМРО-ДПМНЕ по прозивките од Левица дека таткото на министерот за внатрешни работи во 2013 година бил осуден за измама на 8 лица заради примање мито при посредување за инвалидски пензии.
Партијата на власт ја обвинува Левица дека е „приврзок“ на екс-премиерот и екс-лидер на СДСМ, Зоран Заев.
Претходно во партиското соопштение на Левица стои дека таткото на министерот „бил осуден на две години условна казна, затоа што од оштетените лица противправно наплатил речиси 25.000 евра, ветувајќи им дека ќе стекнат право на инвалидска пензија“.
Ваквите обвинувања се во период кога се води истрага против 49 лица, од кои најголем дел се лекари, за злоупотреби за стекнување со право за туѓа нега и право на инвалидски пензии. Од нив 23 лица се приведени, а едно е недостапно. Две групи се формирале во 2023 година. Една за постапки за туѓа нега. Другата за инвалидски пензии. Шемата била иста – примале поткуп за да им завршат работа на барателите, обезбедувајќи им невистинита медицинска документација.