Министерството за здравство информира дека согласно информации од Воено Медицинската Академија во Белград, денеска претпладне, за жал, подлегна на повредите Стојанче Стефанов од Кочани, роден 2001 година, пациент повреден во пожарот во Кочани. Пациентот бил во критична состојба уште од почетокот, а на лекување во Белград бил испратен на 16 март.
„Станува збор за пациент, кој од првиот ден, согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови е веднаш упатен на лекување во Воено Медицинската Академија во Белград и кој беше интубиран и во критична состојба во изминатиот месец. Станува збор за пациент со 27 отсто зафатеност со изгореници и сериозни повреди од вдишување на чад. Во ВМА е опериран на 4 април и поставен на ЕКМО апарат, преку кој се оксигенира крвта преку машина, заради вдишаниот чад. Но, заради сериозноста на повредите, тој поголем дел од хоспитализацијата бил нестабилен и во тешка општа состојба. Министерството за здравство изразува најдлабоко сочувство до фамилијата и до сите засегнати од трагедијата во Кочани“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Бројот на жртви од пожарот во Кочани од 59 се зголеми на 62 откако на 4 април почина Александар Карадаковски, управителот на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, кој се лекуваше во Литванија, а потаоа на 7 април почина дваесет и деветгодишниот Александар Гавриловски, кој е 61. жртва од пожарот во Кочани. И тој се лекуваше во Литванија.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март. Во трагедијата, животот досега го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени.