Бројот на заразени со коронавирусот во Грција надмина илјада, во Турција достигна повеќе од седум илјади, а Катар го забележа првиот смртен случај од вирусот, објавија властите на тие земји.
Грција потврди 95 нови случаи или вкупно 1.061 лица се заразени од појавата на болеста во земјата од 26-ти февруари. 32 лица починале од коронавирусот, соопшти портпаролот на Министерството за здравство, Сотирис Циодрас.
Бројот на починати од коронавирус во Турција се зголеми за 16 на 108 досега, а бројот на заразени за 1704 или вкупно 7042, рече министерот за здравство Фахретин Коца.
Катар денес го забележа и првиот смртен случај. Само денес биле регистрирани 28 новозаболени, со што вкупната бројка изнесува 590.
Повеќето од заразените во Катар се странски работници, така што властите затворија големи делови од индустриската зона каде живеат и работат.