По краткотрајната стабилизација на времето која ја имаме, веќе од денес влегуваме во нов подолг период на променливо време со чести врнежи, додека поради продор на многу поладен воздух од север, температурите дополнително ќе опаднат и ќе бидат невообичаено ниски за овој период од годината, вели метеорологот Славчо Попоски.
„Денес од запад ќе се прошират нови врнежи од дожд, локално поројни и проследени со грмежи како и со засилен ветер. Локално се можни поинтензивни атмосферски процеси во форма на невреме. Утре (петок), како и во сабота ќе дува повремено засилен ветер од јужен и од југозападен правец (повремено и локално со брзина од над 70 км/час).
Во сабота и во недела ќе има појава на повремен локален дожд, додека во текот на следната седмица и тоа под влијание на серија влажни воздушни бранови повремено ќе имаме пообилни врнежи од дожд. Поради падот на температурите, за време на викендот, како и во текот на следната седмица, не се исклучува можноста на највисоките планински места (над 2000 м.н.в) да има провејување и на првите снегулки за оваа сезона.
Што се однесува до температурите, тие наутро, но и преку ден ќе бидат невообичаено ниски за овој дел од годината. Наутро на многу места тие ќе се спуштаат под 10 степени, понекаде и под 5 степени, а особено на повисоките и на високите планински места тие ќе се спуштаат и до околу, па дури и под нулата. Не се исклучува можноста за време на викендот, како и во текот на следната седмица во Македонија да се појави и првиот утрински мраз за оваа сезона, особено на високите и на планинските места.
Максималните дневни температури пак , од викендов, па и во текот на следната седмица ќе се искачуваат во интервалот претежно од 15 до 23 степени.“ објави Попоски.
Дека доаѓа голема промена на времето велат и од УХМР.
Во деновите потоа ќе се задржи променливо облачно време со повремен локален дожд.
Во сабота ќе дува засилен ветер од западен-југозападен правец, а од недела температурите ќе бидат во позначително опаѓање.
Во Скопје утре времето ќе биде променливо облачно со повремен дожд. Во делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Препорака: Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.“ велат од УХМР.
Можеби ќе ве интересира: