За два дена почнува учебната година. Враќање на сите ученици во училишните клупи е прво од трите сценарија што пред два месеца ги подготви Министерството за образование и наука. Според МОН, тоа е и најпосакувано сценарио зашто е во интерес на учениците и е препорачано од УНИЦЕФ и ОЕЦД.
Од општина Карпош во изјава за „Локално“ велат дека основните училишта стартуваат во новата учебна година со полн капацитет, со физичко присуство за сите одделенија.
-Општината веќе спроведе целосна дезинфекција во сите десет основни училишта на своја територија. Ќе се почитува Протоколот пропишан од Комисијата за заразни болести и планот за организација на наставата. Уште првиот ден учениците ќе бидат запознаени со упатствата за безбедност при наставата, со пропишани насоки за движење, со начинот на користење тоалети, со посочени влезови и излези во училиштето. Ќе има различно време за влез и излез (според распоред) на секое одделение, дежурни наставници, а на влезот ќе им се мери температура која не смее да надминие 37,3 степени. Над тоа децата се враќаат дома, велат од општината, додавајќи дека е обезбедена и целодневна настава и продолжен престој, а во училиштата ќе има и редарска служба .
-Забранет е влез во училиштата на родителите, освен оние кои имаат деца со посебни образовни потреби. На повеќе места ќе има средства за дезинфекција, а по завршување на часот и пред влегување на друго одделение клупите ќе бидат поминати со средство за дезинфекција. Нема да биде дозволено мешање на ученици, објаснуваат од Карпош.
Министерот за здравство Венко Филипче ги повика родителите на децата кои посетуваат градинка или училиште да се вакцинираат.
-Дозволете да повикам на масовна вакцинација, особено на родителите чии деца ќе тргнат на училиште и во градинка, за да се заштитат семејствата, истакна министерот Филипче.
Ослободени може да бидат ученици со ретки болести или попречености, деца од семејства со хронични болести, по барање од родителите, како и од други немедицински причини со дозвола на училиштето.
Наставата ќе се одвива со физичко присуство со полн капацитет и примена на соодветни антиковид-протоколи, препорача Главниот кризен штаб на 16 август, а одлуката наредниот ден ја донесе Владата на седница. Поради високиот број заразени со коронавирус во Тетово и Гостивар, Комиисјата за заштита од заразни болести, на барање на Општина Тетово, одлучи само средните училишта во овие градови да организираат онлајн-настава во првите две недели од септември.
Извор: lokalno.mk
Можеби ќе ве интересира: