За прв пат Македонија ќе добие жена за претседател – кој се досегашните претседатели на државава

PRETSEDATELSKA VILA VODNO
PRETSEDATELSKA VILA VODNO

Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, Ѓорѓе Иванов, Стево Пендаровски.

Zito akcija 640x289px

На овие претседатели од денеска им се приклучува и првата жена претседател – Гордана Силјановска Давкова која на претседателските избори освои над 500.000 гласови и ќе ја води државата во следните пет години.

Agria

На претседателската фотелја досега седнаа петмина претседатели.

Првиот претседател Киро Глигоров и Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа во два мандата, а по еден мандат имаа Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, како и Стево Пендаровски.

  1. Киро Глигоров (1991 – 1999)

Првиот Претседател на независна Македонија Киро Глигоров беше политичар кој остана влијателен и почитуван на македонската политичка сцена пред и по независноста.

Kiro Gligorov

Роден во Штип во 1917 година, Глигоров дипломирал право на белградскиот Правен Факултет. Во текот на Втората светска војна, претседателот Глигоров учествувал во борбата против фашистичките сили и бил секретар на иницијативниот комитет за формирање на АСНОМ.

Бил на повеќе важни политички и економски функции во СФР Југославија и во Сојузот на комунистите на Југославија. По независноста на Македонија, Глигоров во јануари 1991 година беше избран за прв Претседател на државата. Оваа функција ја извршуваше во два мандати, до ноември 1999 година.

За време на неговиот мандат како шеф на државата се случија некои од најважните настани од современата историја на Република Македонија.

На референдум одржан на 8 септември 1991 година беше прогласена независноста на земјата, а Македонија беше и единствената од поранешните југословенски републики која се осамостои по мирен пат.

На 17 ноември 1991 беше донесен новиот Устав, а на 8 април 1993 година Република Македонија стана 181 членка на Обединетите Нации.

На 3 октомври 1995 година врз претседателот Глигоров беше извршен атентат. Тој го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. Нападот беше извршен со автомобил-бомба на улицата „Македонија“ во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија. Досега не се откриени ни нарачателите, ниту извршителите на атентатот.

По пензионирањето од активниот политички живот, Претседателот Глигоров беше активен преку Фондацијата која го носи неговото име. Беше автор и на повеќе книги, меѓу кои се издвојува „Македонија е сè што имаме“.

Киро Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. На 19 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.

Киро Глигоров почина во Скопје на 1 јануари 2012 година, на 94 годишна возраст.

  1. Борис Трајковски (1999 – 2004)

Вториот Претседател на независна Република Македонија Борис Трајковски е роден во селото Моноспитово, Струмица, на 25 јуни 1956 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје 1980 година, специјализирал деловно право и право на работни односи.

Boris Trajkovski

Трајковски беше водечки активист во програмата за надворешна соработка на партијата ВМРО-ДПМНЕ и Претседател на Паневропското Движење на Република Македонија. Во 1998 година е именуван за заменик министер за надворешни работи. Во декември 1999 година е избран за втор Претседател на независна Македонија.

Претседателот Борис Трајковски трагично загина заедно со осуммина негови соработници во авионска несреќа која се случи на 26 февруари 2004 година во Босна и Херцеговина. Борис Трајковски беше оженет со Вилма Трајковска, со која има две деца.

Според Уставот на Република Македонија, привремено во периодот од 26 февруари до 12 мај 2004, на чело на државата застана Љупчо Јордановски, тогашен носител на функцијата претседател на Собранието на РМ.

За време на неговиот мандат во Македонија во 2001 година имаше вооружен конфликт што заврши со потпишување на Охридскиот рамковен договор во август истата година.

На претседателот Трајковски светот гледаше како на млад лидер со прозападна ориентација, како миротворец кој избегна граѓанска војна во Македонија.

  1. Бранко Црвенковски (2004 – 2009)

Претседателот Бранко Црвенковски е роден на 12 октомври 1962 во Сараево. Во својата политичка кариера бил на најважните функции во државата, како Претседател на државата, Претседател на Владата на Република Македонија и претседател на Социјал Демократскиот Сојуз на Македонија, партија на чие челно место е по напуштањето на функцијата Претседател.

Branko Crvenkovski

Црвенковски беше избран за Претседател на првата партиска Влада на Македонија во септември 1992 година. Втор мандат на функцијата Премиер доби на изборите во 1994 година. По изборниот пораз во 1998 година, ја предводеше македонската опозиција, за повторно да биде избран за Премиер по изборниот успех во 2002 година.

По трагичното загинување на Претседателот Трајковски, Бранко Црвенковски се кандидираше за Претседател на државата на изборите во 2004 година. Претседателот Црвенковски е дипломиран електротехнички инженер. Оженет е со Јасна Црвенковска, со која има две деца.

За време на претседателскиот мандат на Црвенковски, Република Македонија стана земја-кандидат за прием во Европската Унија.

  1. Ѓорѓе Иванов (2009 – 2019)

Претседателот Ѓорге Иванов е роден во Валандово на 2 мај 1960 година. Основно и средно образование завршил во родниот град Валандово. Дипломирал право на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирал политички науки во 1994 година, а во 1998 година докторирал на Правниот факултет во Скопје.

IVANOV PRETSEDATEL

Во 1995 година ја започнува академската кариера на Правниот факултет, каде во 2002 бил избран за вонреден професор, а во 2008 за редовен професор.

Во 2009 година е избран на Претседател на Република Македонија. Во 2014 по втор пат е избран за Претседател на Република Македонија.

Последната година од вториот мандат на претседателот Ѓорге Иванов, меѓу другото, ќе ја обележи непотпишувањето на Законот за употреба на јазиците и на указот за ратификација на договорот со Грција, како и потпишувањето на Законот за амнестија за обвинетите во настаните во Собранието на РМ од 27 април 2017 година.

5. Стево Пендаровски (2019 – 2024)

Петтиот по ред претседател на Македонија, Стево Пендаровски е роден на 3 април 1963 година во Скопје. Дипломирал во 1987 година на Факултетот за правни и политички науки, при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје.

Stevo-2

Во изминатите 11 години бил професор на Универзитетот Американ Колеџ Скопје каде што ги предавал предметите Меѓународна безбедност, Меѓународни односи, Вовед во Политика, Глобализација, Геополитика, Надворешната политика на САД, Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и Малите држави во светската политика. Во периодот 1998-2001 бил началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на министерството.

Од 2001 до 2004 година е Советник за национална безбедност на Претседателот на Република Македонија. Од 2004 до 2005 година е Претседател на Државната изборна комисија. Од 2005 до 2009 година е Советник за надворешна политика на Претседателот на Република Македонија. Од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието на Република Македонија. Од декември 2017 година до мај 2019 година е Национален координатор за подготовка на Република Северна Македонија за влез во НАТО. На 12. мај 2019 година, со давањето свечена изјава во Собранието на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски официјално ја презеде функцијата претседател на државата.

Претседателот Пендаровски е оженет со Елизабета Ѓоргиевска и го имаат синот Огнен.

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: