Дел од здравствените работници од јавното здравство веќе ја имаат јануарската плата на своите сметки, соопшти доцна попладнево Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), додавајќи дека исплатата ќе тече постепено, во етапи и се очекува да заврши во следните 48 часа.
Вработените во јавното здравство наместо на 10 како секој месец, до денеска немаа земено плата, поради хакерскиот напад на 7 февруари на системот на ФЗОМ. Сајбернападот ги закочи и исплатите на породилните отсуства, боледувањата и рефундациите.
Фондот претходно денеска соопшти дека започна исплата на боледувањата, породилното отсуство и разни рефундации.
„Се очекува осигурениците етапно да ги добиваат средствата на своите сметки во текот на утрешниот ден и во среда. Тоа значи дека веднаш ќе започне исплатата на боледувањата кои биле внесени до 05.02.2023 година. Податоците за боледувањата кои се доставени после овој датум ќе започнат да се внесуваат во подрачните служби за и тие да влезат во системот за редовна исплата“, стои во соопштението.
Денеска од 13 до 13:30 часот, околу 150 вработени од Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ протестираа пред болницата, револтирани оти десет дена им доцни платата за јануари. Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) кажа дека денеска протестираа и дел од вработените во Геријатрија, како и во болниците во Охрид, Неготино и други градови, и дека ако нема плата денес, се разговара за порадикални чекори како штрајк и бојкот.
„Владата се занимава со сама себе, со министри нови, а сите знаеме овие луѓе какви напори дадоа во ковид кризата. И да има плата денес, тоа не е конечно решение и затоа бараме со месеци средба со премиерот“, рече Ристески.
Можеби ќе ве интересира: