Со заварување на последната цевка денеска официјално беа заокружени работите за изградба на магистралната гасоводна делница Неготино (Кавадарци) Битола. Делницата е во должина од 92 километра со мерни станици Индустриска зона Кавадарци, Прилеп и Битола. Вредноста на инвестицијата е 36 милиони евра.
„Со завршувањето на градежните работи ја спојуваме целата делница од Куманово до Битола во должина од 180 километри. Се исполнува планот за реализација на големиот проект за гасификација на државата“, изјави премиерот Димитар Ковачевски, кој ја посети локацијата каде се заокружува проектот, придружуван од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи.
Ковачевски посочи дека успешно е завршена реализацијата на делницата од Штип до Неготино, во должина од 36 километри, а во завршна фаза е делницата Скопје – Тетово – Гостивар во должина од 76 километри и кракот Тетово во должина од 10 километри.
-Гасификацијата значи придобивка за граѓаните, компаниите, за индустриските зони и заштитата на животната срдина. Компаниите од овој регион сега можат да прават планови за користење гас во нивните производствени капацитети и на тој начин да бидат поконкурентни – истакна Ковачевски.
Директорот на НЕР Реџепи потенцираше дека гасоводната делница веќе се спојува со сегашниот оперативен гасовод на ГА МА. – Се надеваме дека во вториот квартал следната година ќе добиеме одобрение за употреба на целата делница и конечно за наредната зима цел регион да има можност да се приклучи на природен гас, особено големите индустриски објекти, рече Бајрами.
Токму на овој гасоводен крак, посочи, се очекува наредната година да имаме спојување со интерконекторот со Грција.
Можеби ќе ве интересира: