Земјотрес со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала е регистриран утрово во 4 часот и 34 минути во Охрид и поширокиот регион, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Епицентарот на земјотресот, според првичните информации од ЕМСЦ, се наоѓал на околу 4 до 9 километри североисточно од Охрид, на длабочина од меѓу 5 и 10 километри, а на околу 66 километри од Елбасан, Албанија
Според Опсерваторијата, земјотресот бил почувствуван со интензитет од V степени според Европската макросеизмичка скала во Охрид и блиската околина, додека во останатите југозападни делови од земјава бил почувствуван со интензитет од III до IV степени.
Иако предизвика вознемиреност кај граѓаните, досега нема пријавени материјални штети. Сеизмолозите продолжуваат да ја следат ситуацијата.