Празен кревет, тишина и еден недоискажан крик. Згасна животот на 47-годишниот Ристе Димитријевски од Велес, човекот кој со години ја водеше најтешката битка, не само со болеста, туку и со рамнодушноста на системот. Последните месеци ги помина во агонија. Ристе доби болничко сместување, па последните денови од животот ги дочека на клиниката за геријатрија, каде што вчера почина.
Сцената која пред само два месеци ја потресе јавноста, вчера доби трагичен епилог. Семејството тогаш остана без персонален асистент, па мајката мораше повторно спас да бара во медиумите. Од Министерствто за социјална политика тврдеа дека Лила барала престанок на услугата персонален асистент. Таа, пак, со солзи во очите, уверуваше дека никогаш не потпишала такво барање. Сепак, ветија дека ќе и помогнат и ќе испратат социјални работници за повторно да се активира услугата. Наместо тоа, тие процениле дека на Ристе му треба болничко згрижување, на што писмено се согласила и неговата мајка, велат од министерството.
„Лилјана се согласила дека најсоодветно решение е сместувањето на нејзиниот син Ристе во соодветна установа бидејќи, свесна дека поради неговата здравствена состојба, на Ристе му е потребна 24 часовна здравствена нега и грижа која не е можно да се обезбеди со достапните услуги во домот. По поднесено барање од Лилјана Димитриевска за сместување на Ристе во соодветна установа преземени се мерки и активности за реализирање на барањето во најбрз можен рок. Тој е сместен во Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина 13 Ноември во Скопје на 03.09.2025 година“, велат од МТСП.
Ристе и неговиот помлад брат Владо живееја врзани за кревет од својата 14-та година, со церебрална попреченост. Пред осум години ТВ24 ја објави приказната за двајцата браќа, кои 25 години не беа излезени надвор од својата соба, а семејството речиси и да немаше државна помош. Се мобилизираа хумани луѓе, им донираа она што најмногу им треба, пред се рампа за да не треба Лила сама да ги крева кога ги преслекува. Таа пак, сама, вдовица и најчесто со помош на медиумите, некако успеваше со упорност да ги одржува во живот.
Но, надежта згасна пред три и пол години кога почина Владо, а сега и со заминувањето на Ристе. Во земја, која на хартија ветува грижа, хуманост и еднакви права, семејството Димитријевски најчесто беше оставено само. Министерства, центри, проекти и здруженија, сите имаа свое оправдување, дека направиле се што е во законските рамки, но никој немаше вистинско решение. Ристе, како и брат му Владо претходно, почина мирно, но во систем кој одамна ја загубил човечноста. Сега, во нивниот дом остана само Лила, мајка која целиот живот го помина во грижа и во чекање некој да ѝ подаде рака.