Малкумина велешани знаат дека во приземјето на трокатната зграда во центарот на градот, во која денес работи казино и е седиште на една политичка партија, а која во Велес е позната како Градска кафеана, пред 89 години се случило двојно убиство и самоубиство. Зградата на 16 февруари 1932 година, кога се случил овој настан, што ја возбуди јавноста во целата тогашна држава, била хотел кој го носел името „Југословенска круна”. Во приземјето имало ресторан – кафеана, а на трите катa хотелски соби.
Утрото на 16 февруари во кафеаната на хотелот, во која веќе имало дваесеттина гости, пристигнал Коста Менков (Менковиќ), познат хотелиер, сопственик на хотелот „Српски Краљ” во Струмица, како и на велешкиот „Југословенска круна”, во придружба на Илија Петровиќ, сопственик на винскиот подрум „Фрушка Гора” во Скопје. На средбата дошле и Анѓел Поп Ѓорчев (Ѓорѓевиќ), закупец на хотелот „Југословенска круна” и Вујица Мојсиловиќ, застапник на филијалата на Сараевската пиварница во Скопје.
Според пишувањето на дневниот весник „Правда” што излегувал во Белград, Коста Менковиќ должел на филијалата на Сараевската пиварница во Скопје поголема сума пари. Исто така, тој должел извесна сума и на Ангел Ѓорчевиќ, хотелиер од Велес, кој го имал во закуп хотелот „Југословенска круна”. Затоа Ангел и Вујица го повикале Меновиќ заради договор за наплата на побарувањата. Тие барале Менковиќ да ги намири нивните побарувања. По извесно време настанала кавга. Коста Менковиќ им се жалел дека е должен на сите страни и дека не може да ги исплати сумите што тие ги побаруваат.
Во извештајот на „Политика” за овој настан се вели дека се сè одиграло со молскавична брзина пред очите на гостите во кафеаната, од кои поголемиот број успеале да избегаат. Според овој извештај, не било јасно каков разговор се водел меѓу убиецот Менковиќ од една и Ангел и Вујица од друга страна. Многу велешани тврделе дека формална кавга речиси и немало. Известувачот на „Правда” Љ.Д. напишал:
„Во еден момент расправијата престанала и изгледало дека должникот и доверителите ќе се смират. Меѓутоа Коста отишол во тоалетот и кога се уверил дека револверот е полн и исправен, се вратил во кафеаната и почнал да вика на останатите тројца, велејќи дека тие ќе го упропастат и дека ќе го однесат во гроб. Тогаш повторно започнала кавга и во еден момент Коста го извадил револверот и испукал два куршума, во Ангел, а потоа и во Вујица. Смртно погодени, двајцата се струполиле на подот. Илија Петковиќ, гледајќи дека и тој ќе загине, го искористил моментот кога убиецот го вперил пиштолот во Вујица и побегнал. Увидувајќи што сторил, Коста ја свртел цевката од револверот во сопствената уста и пукал. И тој загинал.”
Менковиќ потекнувал од Велес, имал 38 години. Бил женет со Родна, а заедно ја имале ќерката Павлина. Ѓорчевиќ, закупецот на велешкиот хотел, не бил женет.
Според пишувањето на белградска „Политика”, Коста во светот на бизнисот уживал „извесен кредит”, за што најдобро сведочат големите суми пари што одделни стопанственици му ги позајмувале во стока и кредити. Менковиќ во Велес го изградил и новиот хотел „Југословенска круна”, кој го дал во закуп на Анѓел Ѓорчевиќ”.
Сведокот на целиот настан Илија Петровиќ, на новинарот „Политика” му изјавил дека Коста најверојатно го планирал убиството и самоубиството, бидејќи наводно утрото истиот ден, пред да дојде од Скопје на закажаната средба во Велес, испратил пет писма. Што пишувало во писмата не е откриено.
Ангел Ѓорчевиќ, кој во Велес исто така важел за чесен и еснаф човек, е погребан на гробиштата на црквата „Свети Пантелејмон”. Неговиот гроб се наоѓа на десната страна, пред првата капија, на влезот во дворот на црквата. Коста Менковиќ, пак, бил погребан без црковна церемонија, на месноста над денешната Општа болница во Велес, на тогашните мали гробишта што се наоѓале таму, бидејќи според црковните канони, на човек што сам си го одзел животот не му било местото на православните гробишта.
Телото на Вујица Мојсиловиќ било пренесено во Скопје и погребано на Градските гробишта. Настанот долго време бил тема на разговор и многу нагаѓања и недоумици меѓу велешани.
Извор: Јосиф Џочков
Можеби ќе ве интересира: