среда, 23 септември, 2020
Реклама

Kазна за рудник „Саса“ за еколошката хаварија

Kamenicka reka

Најмногу 100.000 евра ќе плати рудникот Саса за вчерашното истекување на јаловината во Каменичка река. Инспекторите пишале казна од трета категорија што спаѓа во највисоките за правни лица, според Законот за животна средина. Сепак конечната висина на казната ќе зависи од Комисијата за спогодување при Министерство за животна средина и просторно планирање. Постои можност казната да се преполови ако веднаш се уплатат парите. Инспекторите за животна средина утврдиле дека вчера за час и половина по попуштање на насипот истекле околу 3000 кубни метри јаловина во реката.

„ Овој материјал разлеан со вода од реката Каменица довел до заполнување на зафат на мала хидроелектрана и речното корито на реката притоа загадувајќи ја со јаловишен материјал од хидројаловиште бр.4 “, се вели во соопшението од Државниот инспекторат за заштита на животната средина.

Се уште се утврдува какви ќе бидат последиците по живиот свет на Калиманци со оглед на тоа дека дел од јаловината завршила во езерото, а Каменичка река е загадена по речиси целото течение од хидројаловиштето до нејзиното влевање во оваа вештачка акумулација.

„Во наредните денови ќе ја следиме состојбата особено во езерото Калиманци за да видиме дали и каква штета направила јаловината на живиот свет“, рекоа вчера  од Здружението на спортски риболовци „Шаран“

Од општина Македонска Каменица веќе најавија дека со менаџментот на рудникот  е постигнат договор за чистење на Каменичка река од наталожената јаловина.

„Веќе се договоривме со директорот на рудникот „Саса“ и менаџментот, за најбрзо чистење на речното корито и санирање на штетите нанесени од оваа хаварија“ изјави Сања Стаменкова градоначалник на Македонска Каменица.

Внатрешната истрага на Саса, но и истрагата на Државниот рударски инспекторат треба да покаже зошто попуштил насипот на најновото јаловиште што во употреба беше пуштено во Април годинава, а во него беа вложени шест милиони евра.

Можеби ќе ве интересира:

Реклами