четврток, 22 октомври, 2020
Реклама

Борец во Кратово по бодови кај Силекс

Забрефтаниот Борец утре, во рамките на шестото коло на ПМФЛ, гостува во Кратово, кај Силекс. Двата последни натпревари против Шкендија на гости и дома со Академија Пандев, во кои велешани освоија четири бодови, го крева оптимизмот во нивните редови дека и утре, против Силекс ќе пружат добра партија и ќе останат непоразени.

Силекс е во резултатска криза по двата порази од Ботошани дома во рамките на квалификациите за Лига Европа и Струга Трим Љум во последното одиграно коло од ПМФЛ. Но, за тренерот на Борец Горазд Михајлов ова не мора да значи ништо за неделниот меѓусебен натпревар.

„Одиме да се надигруваме во Кратово против Силекс, квалитетен тим кој што е во резултатска криза, но тоа не смее да не залажува. Играат агресивен фудбал, посебно на домашен терен, спремни сме да се надигруваме, нашата форма е во нагорна линија и одиме растеретени да ја продолжиме добрата игра во изминативе две кола“, рече Горазд Михајлов, тренер на Борец.

Горазд Михајлов – тренер на Борец

Оптимист е и напаѓачот на Борец Ѓоре Ѓорѓиев, еден од ретките велешани во тимот.

„Маскимално сме подготвени за утрешниот натпревар, работевме напорно за овој предизвик во недела, знаеме дека нема да биде лесен натпреварот во Кратово, но ние сме во добра серија и имаме добар старт на почетокот на првенството. Веруваме во себе и веруваме дека можеме да дојдеме до позитивен исход против екипата на Силекс“, смета напаѓачот на Борец Ѓоре Ѓорѓиев.

Image may contain: 1 person, outdoor
Ѓоре Ѓорѓиев – Борец

По пет одиграни кола, на табелата Борец е на делба на четвртото место со 9 бодови, само еден помалку од Силекс, кој заедно со Шкупи го делат второто место.

Почнувајќи од утрешниот натпревар меѓу Силекс и Борец, Батали.нет ќе ги пренесува натпреварите на Борец, со отворено студио, во кое ќе гостуваат фудбалски стручњаци од Велес, со кои ќе се анализира натпреварот. Утрешното отворено студио во живо ќе започне во 15 часот, а ќе можете да го следите на нашиот портал, заедно со натпреварот Силекс – Борец, кој почнува во 15:30 часот.

Можеби ќе ве интересира: