четврток, 22 октомври, 2020
Реклама

ВИДЕО: Борец е во страшна серија, овој пат Силекс во Кратово е „пациентот“

Борец победнички се враќа од Кратово. Совладан е Силекс, еден од фаворитите за висок пласман во ПМФЛ и тоа на негов терен со 1:2 (1:0). Шокот за домаќинот стигна буквално во последните секунди од натпреварот, кога тукушто влезениот Ѓоре Ѓорѓиев го матираше домашниот голман Божиновски.

Но, натпреварот не започна најдобро за велешани. Откако во петтата минута Борец се закани, а топката профуче крај домашниот гол, домаќинот, како поквалитетен ривал, беше оној кој го диктираше темпото, а имаа и неколку полушанси. Силекс испушти зицер шанса по интервенција на Мустафа, а по одбиената топка бараа пенал по игра со рака, но не го добија.

Во 21 минута минута, по корнер и голема мешаница пред голот на Борец, одбиена топка заврши пред нозете на дефанзивецот Христијан Гроздановски, кој без многу размислување ја смести во мрежата на гостите за 1-0.

До полувремето очекувано Борец тргна малку поофанзивно, но не успеа да го пробие бедемот на кратовчани. По една полуконтра, Марио Станковски ја имаше најубавата шанса за својот тим, кога од преку 25 метри биеше и изнуди неверојатна парада на голманот Божиновски.

Во второто полувреме на теренот се појави некој друг Борец. Со изменета формација, со Прелчец во шпицот, заедно со Радовиќ и Станковски и со поагилниот среден ред, велешани почнаа да плетат мрежа пред голот на домаќините. Имаа поголем посед и се повеќе ја притискаа задната линија на Силекс. Тоа резултираше со израмнување во 63 минута, откако Силва изведе корнер, а Оливер Стоименовски од втора статива убаво, со глава ја префрли одбраната и преку голманот ја погоди мрежата.

Во 76 минута судијата Александар Ставрев досуди пенал за Силекс, по една сомнителна ситуација и прекршок на ивицата на шеснаесетникот на Борец. Сепак, Дејан Татуровски биеше пресилно и го префрли целиот гол, па резултатот остана непроменет.

Силекс имаше шанса во 93. минута по една мешаница, откако голаманот Мустафа излета од линијата, но дефанзивците расчистија. И тогаш следуваше шок за домашните. Во една брза полуконтра, Филип Ристовски нафрли од десната страна, Ѓоре Ѓорѓиев, кој влезе чеири минути порано, со одличен удар со глава го совлада Божиновски, за победа и големи бодови.

Борец ја продолжи серијата од три натпревари без пораз и освоени седум бодови и со вкупни 11 се наоѓа на третото место на прволигашката табела, веднаш зад Шкендија која има 13 и Шкупи со 12 бода. Во следното 7 коло, Борец дома го пречекува Работнички во трка по нови бодови за зацврснување во самиот врв на табелата.

Голот на Силекс за 1:0

Израмнувачкиот гол на Борец за 1:1

Промашениот пенал за Силекс

Голот на Борец за победа од 1:2

Можеби ќе ве интересира: