Реклама

Велешанец на 63-годишна возраст почина од ковид-19 ноќва во велешката болница

infektivno veles

Продолжува црниот биланс од ковид-19 во Велес. 63-годишен велешанец почина ноќеска на полноќ во велешката болница, како последица од коронавирусот. Лекарите не успеале да го спасат, бидејќи велешанецот во болница бил донесен во тешка состојба, само шест часа пред да почине.

„Пациентот на 63-годишна возраст е регистриран како позитивен на коронавирус на 21 октовмри, но во болница е донесен вчера во 18 часот во тешка состојба, со ниска сатурација. Освен тоа, тој имал и коморбидитети, односно боледувал од дијабет и имал покачен крвен притисок. Почина на полноќ“, рече др. Весна Николовска Неделкова, портпарол на Општа болница Велес.

Велешанецот е 23 жртва на коронавирусот во Велес, а деветта која почина оваа недела, најтешка за велешката болница од почетокот на пандемијата.

Коронавирусот во земјава секојдневно зема десетина жртви, но и ги преполнува болниците низ градовите во државата. Батали.нет дознава дека поради исполнетост на капацитетите, но и најавениот наплив на нови пациенти, ковид-центрите во Скопје се помалку примаат пациенти од други градови.

До одговорните во велешката болница поставивме две прашања, зошто повеќе не се испраќаат пациенти кои имаат тешки симптоми на ковид-19 на Инфективната клиника во Скопје и дали некогаш во велешката болница за една недела починале девет луѓе како последница на некоја болест. Одговорите ги очекуваме и штом ги добиеме, ќе ги објавиме.