вторник, 24 ноември, 2020
Реклама

Почна дислокацијата на црниот рид кај велешка Топилница

По една година од најавата, тргнаа првите камиони со натоварена троска. Српската компанија Кепс Монт почна да го транспортира отровниот отпад, кој го остави велешката топилница во своето 30-годишно работење. Освен што, поради корона-кризата, со дислокацијата на овој црн рид над Велес се доцни една година, ново е и тоа што наместо Малезија, која во меѓувреме забрани увоз на ваков вид отпад, новата дестинација каде троската ќе заврши е Србија и Косово, а подоцна и Турција.

Од Кепс Монт, која ја доби концесијата за транспортот на овој отпад, велат дека во оптимални околности, овој црн рид ќе го снема за четири години. Сепак, оттаму додаваат дека рокот може да се пролонгира најмногу поради пандемијата со коронавирусот.

Покрај црниот рид е монтирана опремата со која ќе се врши сепарација и утовар на троската. Изработен е и план за ископ, за да се спречи загадување на воздухот. Ќе биде подигната земјена препрека, која ќе спречи прашината да се одлее кон градот. Од Општина Велес велат дека ќе се води сметка, операцијата за транспортот на троската да не биде на штета на амбиенталниот воздух.

„Заради актуелната состојба со аерозагадувањето, помеѓу општината и операторот е договорено активностите да бидат минимални и строго контролирани. Затоа, на ден ќе се товараат по четири камиони. На локацијата е поставена сепарација и агрегат за обезбедување на електрична енергија, а во скоро време се очекува поврзување на инсталацијата на системот за снабдување со електрична енергија“, рече Аце Коцевски, градоначалник на Велес.

Откако ќе ја транспортира троската, концесионерот Кепс монт ќе ја исчисти и почвата на која лежи овој рид и ќе засади растенија, кои преку коренот ги извлекуваат тешките метали. Освен еколошки, Велес ќе има и економски бенефит, бидејќи за транспорот ќе се ангажираат сите велешки превозници кои можат да одговорат на стандардите.

Ридот во себе содржи 1,8 милиони тони отпад од топењето на олово-цинкова руда. Највреден метал кој го содржи е цинкот, застапен со 10 проценти. Ридот со троска е втората најжешка еколошка точка во земјава, а прва која почнува да се решава.

Можеби ќе ве интересира: